Анѓушев од Виена: Да ги зајакнеме врските регионално за полесна соработка со ЕУ

121

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев денеска присуствуваше на официјален работен појадок што го организираше Канцеларот на Австрија, Себастијан Курц за премиерите од Западен Балкан кои ќе учествуваат на 15-тиот Виенски економски форум.

Како главна тема на која разговараа канцеларот Курц и лидерите од Западен Балкан, како што соопшти владината прес-служба, се издвои регионалната соработка која има важна улога во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, начините за нејзино унапредување преку процеси на дигитализација, поврзување и економската соработка.

По завршувањето на официјалниот дел од работниот појадок се одржа заедничка прес-конференција на која се обратија австрискиот канцелар Себастијан Курц, комесарот за европска соседска политика и проширување, Јоханес Хан, комесарката за дигитална економија и општество, Марија и Габриел, премиерите од Западен Балкан и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев.

Канцеларот Курц изрази голема поддршка за земјите од Западен Балкан за процесот на ЕУ интеграција посочувајќи ја регионалната соработка како клучен сегмент кој ќе го забрза зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ и еден од приоритетите на австриското претседавање со Европската Унија.

Во таа насока беше посочена важноста од продолжување на иницијативата за формирање на регионална економска област како прв чекор во понатамошното интегрирање во единствениот европски пазар.

На прес-конференцијата се обратија и премиерите на земјите од Западен Балкан кои зборуваа за приоритетите и следните чекори кои ги преземаат во насока на интензивирање на регионалната соработка.

– Да се биде мала земја во регионот значи да се води сметка за економијата и за подобар живот на граѓаните. Подобар животен стандард за граѓаните може да обезбедиме само преку подобрување на економијата, што подразбира обезбедување државна финансиска помош, владеење на правото и законите, како и стабилност во земјата. Стабилна држава, особено за мала земја како Македонија, значи интеграција во подобар безбедносен и европски систем – порача  Анѓушев на заедничката прес-конференција на која се обратија Курц, Хан, Габриел и премиерите на земјите од Западен Балкан по повод одржувањето на 15-иот јубилеен Виенски економски форум.

Токму поради оваа причина, како што додаде Анѓушев, Македонија ќе биде посветена на овој процес.

– Ќе ги вложиме нашите најдобри напори за да ја завршиме нашата домашна задача, но и за да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани. Да покажеме повеќе капацитет за регионална соработка, меѓу нашите држави, особено ако сакаме да имаме подобра соработка во Европската унија во иднина – порача вицепремиерот Анѓушев.