Анѓушев: Новиот закон за енергетика ќе донесе инвестиции

120

Македонија во целост и навреме ќе ги заврши сите обврски кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика што беше донесен во мај годинава со што целосно ќе се отстрани пречката што ја имаше земјава во делот на енергетската легислатива, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на денешниот состанок на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница во Скопје.

-Како резултат на новиот Закон за енергетика имаме отворен фронт за инвестиции на повеќе дејности кои треба да се спроведат во енергетскиот сектор…. Македонија е енергетски лимитирана земја и производството на електрична енергија во иднина може да се подобри само од обновливи извори на енергија (ОИЕ). Недозволиво е Македонија како земја со голема сончева радијација во моментов да располага само со 20 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични централи. За да се подобри состојбата новиот Закон предвидува да се помине од фидин на премиум тарифи – рече Анѓушев.

Тој посочи дека на тој начин со три до четири милиони евра од Буџетот, би се овозможила изградба на фотоволтаични централи со инсталирана моќност од 200 мегавати, а тоа како што рече ќе значи и заживување на градежништвото бидејќи за нивна изградба ќе треба да се реализираат работи во висина од околу 200 милиони евра.

-Предвидено е земјава да има и ветерни електрани со инсталирана моќ од 150 до 200 мегавати. Во моментов работи само ветерниот парк Богданци со инсталирана моќ од 36 мегавати, кој треба да се догради со уште 15 мегавати, а дадена е дозвола да се изгради приватен ветерен парк во Богословец од 36 мегавати. Веќе се изградени 72 мали хидроелектрани, дваесетина се во фаза на градба, а распишан е тендер за изградба на уште дваесет, со што ќе има околу 120 со вкупна инсталирана моќ од 100 мегавати. Има простор за уште 20 до 30 мали хидроелектрани – прецизира Анѓушев.

Министерот за економија Крешник Бектеши порача дека новиот Закон за енергетика е во целост усогласен со директивите за ОИЕ.

-Интенцијата на нашата Влада е промоција на користењето на обновливите извори на енергија и можноста за поголемо вклучување во користењето на овие извори, при што за инвеститорите ќе понудиме транспарентен процес на јавно надавање за изградба на електрани од обновливи извори на енергија, со користење на поддршка од државниот буџет во форма на премија, а за домаќинствата и малите потрошувачи имаме решение со кое тие ќе можат на своите покриви да инсталираат фотонапонски панели за производство на електрична енергија за сопствена потрошувачка, а при тоа вишокот ќе го предаваат во електродистрибутивната мрежа – нагласи Бектеши.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач посочи дека климатските промени се движат во несакана насока и многу брзо и додаде дека досега во бизнисот се разговараше како да се намалат трошоците и да се достигнат повисоки профити, а сега, како што кажа, ќе мора да почнеме да размислуваме како да опстоиме.

-Новите можности кои се создаваат се комбинација на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Имаме можност да создаваме енергија од сонце, ветер, вода, но мора да ја користиме ефикасно. Друг глобален тренд во енергетиката е електрификацијата на светот. За 30-40 години 80 до 90 отсто од целата потрошувачка на енергија ќе биде од електрична енергија. Не верувам дека постои доволно електрична енергија за сите потреби на човештвото, токму затоа мора да бидеме енергетско ефикасни – потенцираше Копач.

Претседавачот на Парламентарниот пленум, пратеникот Хари Локвенец, кој го отвори состанокот, истакна дека земјите од регионот ќе треба да се фокусираат на производството од ОИЕ ако се има во предвид дека значаен дел од ресурсите кои се користат за производство на електрична енергија, како што е јагленот, се ограничени во секоја земја.

-Зголеменото учество на обновливите извори на енергија нема да претставува избор, туку обврска за договорните страни имајќи ги предвид нивните позитивни ефекти и се поголемата важност која им се придава на овие извори во европската енергетска политика. Со цел поголема употреба на ОИЕ во земјите договорни страни на Енергетската заедница потребни се низа стимулативни мерки за поттикнување на нивната поголема примена. Преку разни форми на грантови и средства од разни фондови како и подигнување на свеста кај бизнис секторот и граѓаните за позитивните ефекти од обновливите извори треба да се стимулира нивната употреба – нагласи Локвенец.

Црногорскиот пратеник Филип Вуковиќ, пак, порача дека ОИЕ учествуваат само со 1,7 отсто во вкупното производство на електрична енергија во светот и додаде дека најголемо учество во производството има јагленот со 54 отсто и нуклеарната енергија со 26,7 отсто. Според него, учеството на ОИЕ во вкупното производство во следните 30 години може да достигне до три отсто.

-Ако нема базна енергија нема многу да ви значат ОИЕ. Во регионот мора да имаме базна енергија, а неа во најголем дел ја добиваме од јагленот. Треба да го следиме примерот на Германија каде во последниве години се изградени 30-тина нови термоелектрани со нова технологија со помала потрошувачка на јаглен со вкупна инсталирана моќ од 25.000 мегавати. Популизам е да се зборува за електрична енергија од ОИЕ во Западен Балкан, бидејќи таа е најскапа и неа мора директно или индиректно да ја платат граѓаните – рече Вуковиќ.

Пратеничката Лилја Зовко од БиХ потенцира дека ОИЕ не траба да предизвикуваат штета по животната околина и побара хидроелектраните да не се ставаат во групата обновливи извори на енергија, бидејќи, како што кажа, при нивната изградба се деградира животната средина. Исто така, побара поттикнување на домаќинствата за вградување на фотоволтаици на покривите.

Поради немање кворум, односно присуство на национални делегации од само пет земји, а за гласање се неопходни најмалку шест на денешниот состанок само имаше дискусии и можност за поднесување амандмани за Заедничкиот извештај за јакнење и унапредување на ОИЕ изготвен од Енергетската заедница. Гласањето, како што кажа Локвенец, ќе се одржи на првиот следен состанок на 19 февруари идната година во Брисел.