Ангеловска-Бежоска – Османи: Народната банка е посветена на евроинтегративните процеси

338

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, оствари работна средба со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Средбата следеше по годинешниот Економски и финансиски дијалог меѓу Европската Унија (ЕУ) и Западен Балкан и Турција на кој беа усвоени заклучоците коишто содржат исклучиво позитивни оцени за поставеноста на монетарната политика кај нас и воопшто, за заложбите на Народната банка за исполнување на насоките на ЕУ дадени минатата година во однос на Програмата за економски реформи.

На средбата беше нагласено дека Народната банка дава голем придонес во спроведувањето на националните реформски програми коишто се клучни за евроинтегрирањето на земјава и дека регулативата и практиките во централнобанкарското работење кај нас се одликуваат со голем степен на усогласеност со европските.

-Цврсто решени како централна банка да дадеме максимален придонес за приближувањето на нашата економија кон европското семејство, посветено и континуирано работиме и на натамошно усогласување на регулативата којашто е во наша надлежност со регулативата на ЕУ. Особено би ги потенцирала промените во законската регулатива во однос на банкарскиот систем, коишто ќе придонесат за натамошно зацврстување на финансиската стабилност, како и промените коишто се однесуваат на платежните услуги и платните системи. Постојано сме посветени и на усогласувањето на централнобанкарската статистика со европските барања, посочи меѓу другото Ангеловска-Бежоска.

Средбата беше одржана заради размена на мислења и информации за натамошните етапи во евроинтегративните процеси во кои активно ќе биде вклучена и Народната банка.

-Народната банка, како независна институција во чија надлежност е монетарната политика, е една од клучните институции од кои се очекува да придонесат во создавањето на преговарачката структура и подготовката на државата за предизвиците на преговорите, особено во делот на економските поглавја, нагласи Османи.

Во процесот на пристапување кон ЕУ, централната банка активно учествува со свои претставници во националната преговарачка структура за пет поглавја од европското законодавство. На денешната средба беше нагласено дека во контекст на очекуваното забрзување на евроинтегративните процеси, Народната банка ќе продолжи со јакнењето на своите капацитети за да може и натаму да дава максимален придонес во чекорењето по европскиот пат на земјава.