Ангеловска-Бежоска: За побрз раст на малите економии е неопходен поголем извоз

31

Искуствата покажуваат дека за побрза реална конвергенција, за малите и отворени економии се неопходни забрзување на извозот и продлабочување на интеграцијата во меѓународната економија, посочи гувернерката на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска.
– На ова поле, во периодот пред пандемијата, имавме значителен напредок, како резултат на зголемените странски инвестиции, особено во автомобилската индустрија, што ја поврзаа нашата економија со германските синџири на производство, кои истовремено придонесоа за зголемување на надворешната трговија, особено извозот. Со тоа се зајакнаа врските со европската економија, но и придонесот на извозот за растот на БДП – истакна гувернерката.
Таа посочи дека меѓународните искуства покажуваат дека трговската и финансиска интеграција можат позитивно да влијаат на доходот преку неколку канали, подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економијата, диверзификација на економската и извозната структура, а со тоа и диверзификација на ризиците, повисоко ниво на софистицираност на извозот и постабилно финансирање на растот преку странски директни инвестиции.

Гувернерката истакна дека на долг рок е важно што на средината на јули, лидерите на ЕУ постигнаа договор за заедничко позајмување 750 милијарди евра како одговор на пандемијата, од кои 390 милијарди ќе се користат како грантови и 360 милијарди како кредити, како и договор за наредниот седумгодишен буџет на ЕУ од над еден билион евра.
– Позитивните реакции од пазарите укажуваат дека овој пакет ќе има силен ефект за надминување на последиците од пандемијата и закрепнување на европската економија, што индиректно ќе се одрази поволно и на нашиот економски раст, со оглед на силните економски врски – дополнува Ангеловска-Бежоска.
Наедно таа се осврнува и на досегашните и очекуваните ефекти од ковид-кризата врз извозниот сектор, како и значењето на работата на извозните компании за економијата. Посочи дека со оглед на големото значење на извозниот сектор за македонската економија, од аспект на надворешната позиција на економијата, и во контекст на постигнување повисоки стапки на долгорочен, одржлив економски раст, НБ го поддржува работењето на извозните компании преку нестандардни мерки.

– Почнувајќи уште од јануари 2013 година, НБ направи промени во инструментот за задолжителната резерва, ја намали основата за задолжителната резерва на банките за износот на новоодобрени кредити на компании што се нето-извозници и на компании од енергетскиот сектор. Оваа нестандардна мерка, активна до декември 2019 година, имаше цел да обезбеди намалување на цената на кредитите одобрени на овие компании и зголемување на обемот на кредитната поддршка. На крајот на 2019 година, состојбата на одобрените кредити кон системски значајните сектори изнесуваше 13 милијарди и 484 милиони денари, при што вкупно ослободената ликвидност по ова основа изнесуваше 1 милијарда и 79 милиони денари – истакнува Ангеловска-Бежоска.
Од НБ додаваат дека и во текот на ковид-кризата дел од мерките се однесуваат и на компаниите во извозниот сектор, кој е меѓу првите сектори што беа погодени од кризата. Со помош на преземените мерки, кредитниот раст и во овие кризни услови се одржа на солидно ниво, а податоците се и над очекувањата во согласност со последните априлски проекции. Дополнуваат дека не било вака и во периодот на економската и финансиската криза, кога во текот на 2009 година дојде до значително забавување на кредитниот раст.