Алкалоид на најголемиот саем на фармацевтската индустрија

85

„Алкалоид АД Скопје“ од 5 до 7 ноември годинава настапи како излагач на најголемиот саем на фармацевтската индустрија во светот: „Конвенција на фармацевтски состојки“ (Convention on Pharmaceutical Ingredients – CPhI), која се одржа во Франкфурт, Германија.

На овој глобален настан, единствен од вакви размери од сферата на фармацевтската индустрија, секоја година учествуваат над 2.500 излагачи и повеќе од 45.000 посетители од над 165 земји во светот. Саемот, или како што го нарекуваат организаторите во буквален превод „Конвенција на фармацевтски состојки“, првпат е одржан пред 30 години и постојано бележи динамика на додавање нови содржини и пораст на бројот на посетители и изложувачи. На листата на интереси највисоко котираат активните фармацевтски состојки, по што следуваат готовите фармацевтски формулации, инјектибилните форми/хормони/онколошки лекови, потоа лековите што се издаваат без рецепти итн.

„Алкалоид“ првпат на оваа конвенција присуствуваше во 2004 година, и оттогаш учествува како активен изложувач за прецизирање на договорите со глобалните доставувачи на супстанции и готови производи, лиценцирање нови производи и дополнување на производственото портфолио.

„Конвенцијата на фармацевтски состојки“ е најважниот настан во годината од областа на фармацевтската индустрија. На едно место може да се најдат над 30.000 искусни фармацевтски професионалци поделени во 20 сектори меѓу кои: активни фармацевтски состојки, готови фармацевтски форми, фармацевтски пакувања и машини, интермедиери, договорно производство, биофармацевтски производи и друго. Настанот е извонредна можност за добивање информации за најновите достигнувања од областа на фармацевтската индустрија за да се одржи чекор со динамичните трендови на фармацевтскиот пазар.