Албанија и Косово стануваат дел од регионалната иницијатива за намалување на цените на роамингот

1261

Албанија и Косово се приклучуваат кон регионалната иницијатива на четирите држави од Западен Баалкан за намалување на цените на роамингот. Поконкретни информации околу намалување на цените на роамингот се очекуваат на самитот во мај во Софија.

– Среќни сме што кон нашата регионална иницијатива, која почна меѓу четири држави, сега сакаат да се приклучат и Албанија и Косово, и што оваа иницијатива е прифатена и поддржана од страна на ЕК. Конкретни информации очекуваме на Самитот во Софија во мај – истакна македоскиот министер за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на прес-конференцијата по отворањето на Првиот дигитален самит за Западен Балкан што денeска и утре се одржува во Скопје.

Појасен патоказ околу намалување на цените на роамингот на земјите од Западен Балкан со земјите од ЕУ, како што најави еврокомесарката за дигитална економија и општество Марија Габриел, се очекува на самитот во Софијa.

– Се разбира, основен чекор е двете држави, што сега не се вклучени во спогодбата на четирите земји, тоа да го направат за да може во тој момент Европската комисија да има поголема сила во преговорите со сите учесници во процесот. Ние заедно со институците и операторите неколу месеци разговараме и преговараме што ни дозволува на 17 мај во Софија да претставиме конкретен план за намалување на цените за роаминг што и за нас и за сите граѓани од шестте држави е многу важно- нагласи Габриел.

Спогодбата за поевтин роаминг меѓу државите од Западен Балкан досега ја имаат потпишано Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.