Азискиот економски тигар Тајван е модел што многумина се обидуваат да го достигнат

259

Во втората половина на 20-от век, Тајван беше една од најуспешните светски економии. Иако конкуренцијата и стабилното претприемништво предводено од технологијата опаднаа, силната економија на Тајван опстојува и ја задржува клучната позиција во производството на електрониката. Развојната патека на Тајван се уште е модел што многу земји во развој се обидуваат да го имитираат. Според податоците на ММФ и Светска банка, во периодот помеѓу 1950 и 2000 година Тајван имаше економски раст во просек од 8,1 отсто секоја година, а економскиот раст по глава на жител изнесуваше 5,95 отсто.

Тајван е еден од четирите економски азиски тигри, а успешниот економски развој на овие држави го привлекоа вниманието на голем број истражувачи, особено во 90-тите години на 20-от век кога беше создадена бројна литература на оваа тема. Најсеопфатното истражување беше спроведено од страна на Светска банка, објавено во извештајот „Чудото од Источна Азија“ во 1993 година, кога за првпат беше употребен терминот „чудо“ со намера да се опише економскиот раст на азиските тигри. Очигледната причина за големиот интерес кон економиите на Јапонија, Тајван, Хонгконг и Сингапур е затоа што државите во развој сакаат да го искористат искуството на овие источно азиски држави.

Тајван им пркоси на нормите на конвенционалните патеки за развој преку одржување на многу егалитарна социјална структура и високo ниво на еднаквост на приходите во текот на својот развој. Малку земји можат да се пофалат со релативно високо ниво на економски успех и една од најниските стапки на невработеност во светот.

Неодамнешната највисока невработеност од над пет отсто претставува околу половина од стапката на САД од 9,6 отсто. Брзорастечкиот урбан сектор, а подоцна и можностите за извоз, ја одржуваа високата побарувачка за земјоделско производство, и овие два фактори заедно го спречија земјоделскиот сектор од опаѓање.

Земјоделците беа во можност да одржат висока вработеност во текот на првичниот период на тајванскиот развој. Развиените земји обично покажуваат стапки на невработеност помеѓу четири и 12 отсто. Невработеноста во Тајван е релативно ниска и сè уште не достигнува стапка повисока од шест отсто. Во 90-тите години на 20 век, невработеноста се движеше помеѓу 1,5 и три отсто.

Огромниот раст на БДП со текот на времето беше придружуван од маргинално зголемување на нееднаквоста во приходот, а нееднаквоста останува значително ниска кога ќе се спореди со другите економии во развој. Според „Светската книга на фактите“ на ЦИА во 2017 година, БДП според ПКМ изнесуваше 1.189 трилиони, а тајванските девизни резерви се петти по големина во светот. Во 1962 година, Тајван имаше БДП по глава на жител од 170 долари, а во 2010 година изнесуваше 35.227 долари, сличен на оној на Германиј кој изнесуваше 36.033 долари.

Во текот на својот развој, тајванското општество покажа способност за прилагодување кон променливите економски и политички услови. Земјишните реформи од 50-тите години на 20 век беа клучни елементи што и овозможија на економијата да се прошири и да ги постави темелите за растечката средна класа. Подоцнежните реформи беа подеднакво важни. Малите и средни претпријатија на Тајван беа исто така важни во вработувањето на огромното мнозинство на тајванската работна сила, а во исто време обезбедуваа флексибилна економска структура, способна брзо да се прилагоди на променливите економски услови.

Просечните години на школувањето во Тајван драматично се зголемија за повеќе од 50 отсто во текот на изминатите триесет години, додека нееднаквоста во образованието опадна за повеќе од 40 отсто во текот на истиот временски период. Во 1980 година, над 70 отсто од населението не посетуваше средно училиште, додека до 2008 година процентот опадна на околу 25 отсто. Процентот на населението со факултетско образование скоро двојно се зголеми од 10,4 отсто на 23 отсто до 2008 година. Образованието особено влијаеше во процесот на иновации и на долг рок, квалитетот на човечкиот капитал ќе му овозможи на Тајван да го прилагоди својот индустриски раст.