Аеродромот во Кукс оди под концесија

184

Конзорциумот меѓу две албански компании „Global Technical Mechanichs” и “Bami sh.p.k.”,го добија под концесија за 35 години аеродромот во северниот албански град Кукс.

Министерството за инфраструктура соопшти дека конзорциумот е избран на тендерот спроведен деновиве, на кој единствени понудувач биле споменатите албански компании.

Според Министерството, концесионерите ќе инвестираат околу осум милиони евра во модернизација на аеродромот и негово ставање во функција.

– Во документацијата за тендерот, со цел да ги исполнат условите за искуство двете компании приложија и договор со холандската компанија „Нако“ која има големо искуство во областа на администрирањето и менаџирањето на аеродроми во повеќе земји во светот – соопшти албанското министерство за инфраструктура.

Новите концесионери, меѓу другото, треба да извршат проширување на аеродромската писта, на терминалот за патници, како и на паркинг просторот.

Аеродромот ќе функционира за ниско буџетски летови, а се предвидува да патуваат во просек по 300 илјади патници годишно.

Тој се наоѓа на 3,5 километри јужно од градот Кукс. За негова изградба Обединетите арапски емирати вложија 20 милиони долари. Почна да се гради на 10 мај 2003, а беше завршен на 31 октомври 2005 година.