Фото: Маја Јаневска-Илиева

Тенденцијата на намалување на обработените земјоделски површини не е нова, објаснуваат инволвираните и истакнуваат дека таа нема да запре без добро осмислена и долгорочна помош од државата

Иселувањето, недостигот од млади земјоделци, скапите материјали, недостигот од доследна стратегија за поддршка на земјоделството се дел од причините поради кои во континуитет се намалуваат земјоделските површини што се обработуваат во Македонија. Во согласност со последниот извештај на Државниот завод за статистика, во текот на минатата година уште повеќе се намалиле површините засадени со пченица, јачмен, тутун, домати, а раст е забележан само кај виновата лоза. Инволвираните истакнуваат дека тенденцијата на намалување на засадените површини со земјоделски продукти не е нова и дека истата таа нема да се реши доколку не се преземат конкретни чекори за подобрување на состојбите во овој сектор.

– Секоја држава што има подобри услови за развој на земјоделството мора да има своја стратегија за развој на овој сектор, наместо тој етапно да се уништува како во земјава. Имаме неискористени природни ресурси, а големи количества храна се увезуваат, дополнително се увезува и неприродна храна. Тенденцијата на намалување ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни, непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храната, како што се наметна на почетокот на корона-кризата – објаснува Љупчо Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Тој посочува дека државата треба да ја изработи стратегијата со која ќе се штити домашното производство, појаснувајќи дека таа треба да го стимулира производството, кое ќе обезбеди доволно за домашните потреби, не и за извоз, туку само за покривање на домашните потреби од земјоделски продукти.

Во согласност со податоците на ДЗС, во 2009 година со пченица биле засеани 88.151 хектар, додека во 2014 година површините се намалиле на 76.686, а лани пченица била засеана на 68.847 хектари. Намалување има и кај површините што се засадени со тутун, кој од 17.800 хектари во 2009 година и 17.756 хектари во 2014-та бил сведен на 16.679 во 2019 година. Кај површините што се засадени со домати од 5.731 хектари во 2009-та, 5.720 во 2014-та, лани биле засадени на 5.497 хектари.
Упатените посочуваат дека недостигот од откупни и преработувачки центри исто така се одразува врз земјоделството, па најголем дел од производителите одвај успеваат да обезбедат пласман за своите продукти.
– Состојбата во аграрот е очајна. Мора неселективно да се пристапи кон проблемот и да се бара решение за секој сегмент одделно – вели Илија Каров, поранешен професор на Факултетот за земјоделски науки во Штип.

Тој истакнува дека идната влада треба внимателно да се посвети на аграрната политика и заедно со средства што се предвидени од ИПАРД-фондовите да изработи издржана студија, во која би учествувале домашни експерти од областа и чија цел ќе биде да се посочат предностите на одредени региони и какви култури во истите тие треба да се одгледуваат.
– Неопходно е да се насочат земјоделците што да обработуваат и како да ја максимизираат заработката. Да остварат максимално и квалитетно производство, за да имаат корист од обработката на земјата. Ова е неопходен процес, особено ако се знае дека доаѓаат сушни години поради промена на климата, ќе немаме доволно вода на располагање за наводнување на нивите, поради што ќе треба да се бараат поинакви начини на одгледување на културите или, пак, да се одгледуваат култури што се издржливи на суша, на високи температури и кои даваат доволно приноси и во такви услови.

Со една сериозна студија, направена само за нашата земја и за нашите услови, може да се насочуваат земјоделците и да се постигне максимумот од домашното земјоделско производство – истакна Каров.
Наедно професорот укажува дека се неопходни соодветни политики што ќе ги подобрат условите за откуп на земјоделските производи, истакнувајќи дека разликите меѓу откупните цени на земјоделските продукти и оние на пазарите се големи и дека треба да се најдат механизми за нивно изедначување.