„Не можам да дишам“ биле последните зборови на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги, според нов извештај за злосторството, пренесува „Њујорк пост“.

Според извор кој го прочитал транскриптот од аудио-записите снимени за време на убиството, новинарот на „Вашингтон пост“ ги изговорил зборовите трипати, пред неговиот живот да згасне во саудискиот конзулат во Турција.

Од ЦИА веруваат дека смртта на новинарот била нарачана од страна на саудискиот принц Мохамед бин Салман, а транскриптот од разговорот за време на убиството се коси со изјавите на саудиските владини претставници кои тврдат дека новинарот загинал во несреќа.

Турските власти велат дека добиле снимка од инцидентот, но не откриваат на кој начин. Во транскриптот се забележани вресоци и воздишки, по кои уследило сечење со пила, која убијците ја употребиле за да го распарчат телото на Кашоги.

Во еден момент може да се чуе д-р Салах Мухамад ал-Тубаики, водечкиот експерт по судска медицина при Министерството за внатрешни работи на Саудиска Арабија, како им вели на убијците да пуштат музика со цел да ги придушат морбидните звуци.

– Ставете слушалки и слушајте музика како што тоа го правам јас – им рекол Ал-Тубаики.

На снимката, во неколку телефонски разговори, наводно, може да се чуе гласот на Махер Абдулазиз Мутреб, разузнавач кој работи за принцот Салман, како ладнокрвно ја објаснува „процедурата“ Во разговорот не е јасно со кого тој разговара, но турските власти велат дека повиците се упатени кон саудискиот главен град Ријад.

Покрај заклучоците на ЦИА, според кои принцот Салман лично го нарачал убиството, американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да застане на страната на Саудиска Арабија.