Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис не дозволува Израел да ѝ продаде на Хрватска 12 борбени авиони Ф-16, објавија синоќа израелските медиуми.

Според истите извори, израелската влада пред три недели добила порака од Вашингтон дека САД не им дозволуваат да ѝ ги продадат авионите на Хрватска.

Имено, американската влада мора на државата на која ѝ ги продала своите авиони да ѝ одобри да ги продава на трета земја. Во администрацијата на Трамп се наводно бесни заради фактот дека Израел бил неискрен и се обиде да заработи на сметка на САД.

Понатаму се наведува дека Израел го надградил електронскиот систем на авионите за да го продаде на Хрватска. Американците тврдат дека Израел нема право да ги продава авионите, особено ако на тендерот учествува и САД, кои на Хрватска и го понудиле новиот Ф-16 Блок 70. Покрај тоа, јавна тајна е дека токму Американците барале од Грција да се јави на хрватскиот тендер со своите половни авиони Ф-16 и стоеле зад таа понуда.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху наводно на оваа тема разговарал во понеделникот во Брисел со американскиот државен секретар Мајк Помпео, кој му рекол дека тој лично не се противи на продажбата, но дека блокадата е од страна на Матис.

Медиумите уште наведуваат дека „хрватската страна е бесна бидејќи работата запнала и им е испратена порака на Израелците да го решат проблемот што поскоро“.

Хрватски „Јутарњи лист“ добил неофицијална потврда од владини извори дека постојат сериозни проблеми околу реализацијата на оваа зделка поради кавгата меѓу САД и Израел.

Според истите извори, во целата приказна е вмешан и производителот на авиони „Локид Мартин“, кој бара во авионите што ѝ ги продава Израел на Хрватска, да биде вградена негова опрема. Оттука е и тврдењето на израелските медиуми дека американската страна е лута бидејќи Израелците сакаат да заработат на американски авиони. Како што понатаму наведува „Јутарњи лист“, повикувајќи се на свои соговорници, еден од проблемите е и софтверот за ракетниот систем кој Израелците го вградиле во авионот. Хрватска сака да го има тој систем, но Американците инсистираат да биде вграден нивен систем.

Засега не е познато ниту што е со СЛЕП програмата, односно продолжувањето на животниот век на авионот за дополнителни 3000 часови. Имено, тоа продолжување мора да го даде производителот и без тоа купувањето на израелските авиони нема смисла. СЛЕП програмата вклучува расклопување на авионот од страна на експертите од „Локид Мартин“ и преглед на сите делови на леталото.

Иако се чини дека во целава работа Хрватска е само колатерална штета, се чини дека ова е и прв отворен конфликт меѓу САД и Хрватска во рамки на воената соработка.