Фото: Игор Бансколиев

Вардар го победи Металург со 27-26 во меч од Регионалната лига

Мотивирано, борбени и сигурно, како што ветија така и одиграа младите ракометари на Металург, најмлади во Регионалната лига, на кои на крајот им недостигаше само малку среќа за да останат непоразени во градското дерби со вечниот ривал Вардар, кој славеше минимална победа со 27-26 (11-13) во мечот од 10-то коло.
Иако вардарци во овој меч настапија без дел од првотимците, кои добија поштеда по мечот со Киелце во Лигата на шампионите, сепак црвено-црните на терен имаа квалитетен и силен тим. Младите металурзи дадоа силен отпор и се спротивставија со голема доза самодоверба, борбеност и мотивираност, но на крајот не успеаја да го материјализираат својот труд. Избраниците на Гарсија Парондо се мачеа во текот на целиот меч, а до посакувани бодови дојдоа во самата завршница од натпреварот. Металург имаше шанса за реми, но Александер Шпенде не успеа да го реализира последниот шут.

– Жал ми е што не го искористивме последниот напад и што не успеавме да ја материјализираме добрата игра. Веќе неколку меча во континуитет играме добро, но ми пречи фактот што во клучните моменти не се придржуваме до техничко-тактичките задачи. Дали е тоа поради младоста или е нешто друго, не знам. Во овој дуел ме радува тоа што во средината на вториот дел, кога обично имавме пад во играта на претходните средби, сега бевме далеку подобри. Верувам дека во следните мечеви ќе играме уште подобро и со поголема дисциплина во играта – изјави Данило Брестовац, тренерот на Металург.

Најефикасен кај Металург беше Шпенде со шест гола, а по четири погодоци запишаа Анте Токиќ и Адријан Миличевиќ. Кај Вардар, пак, по пет реализации имаа Кристијан Дисингер, Дијаниз Кристопанс и Иван Чупиќ.

Металург ќе биде домаќин и во 11-то коло, во кое в недела (од 17.30 часот) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје ќе го пречека белорускиот првак Мешков, кој во досегашниот тек од сезоната бележи половичен ефект и со 15 бода е на петтата позиција на табелата. Вардар, пак, в сабота му гостува на Железничар.