„…Блузот и кафеаната ’Идадија’ ни укажуваа на фактот дека светот е голем, убав и суров, маалски универзитет – таму се држеа лекции што не ги учевме на училиште, а за кои интуитивно знаевме дека се пресудни за преживување: лекции за припадност, чесност, лекции за тоа како да се дочекаш на нозе доколку паднеш и како да станеш таму каде што си паднал. Тоа беше вежбалница за љубов и севда, за трампа и трговија, за шегачење и политички процени…“

Замина скопската легенда, една од најголемите – Горан Стефановски. Театарот и уметноста му беа во душата, Дебар Маало во срцето. На 6 октомври годинава (2018), значи пред нецели два месеца, бевме пресреќни кога преку скајп го добивме обраќањето на Горан по повод јубилејот на кафеаната „Идадија“, која се наоѓала во непосредна близина на живеалиштето на семејството Стефановски во овој легендарен крај на Скопје. Има толку многу топлина и живот во ова негово обраќање, толку многу душа и љубов, неповторлив човечки сентимент во неговите зборови и гласот, нешто што само Горан Стефановски можеше да го искаже и никој друг. Во тоа свое обраќање тој вели: „Би сакал да кажам во оваа пригода некој збор за кафеаната ’Идадија’. Знам за ’Идадија’ откако знам за себе. Куќата на дедо ми Стрезо и на моето семејство Стефановски се наоѓаше во Дебар Маало, на триста метра од кафеаната, така што често наминувавме тука и некако ја сметавме за наша, семејна меана, на наша територија. Се сеќавам на една посебна посета на ’Идадија’ што ми остана во сеќавањата. Не знам со кого бев, најверојатно со чичко ми Круме, татко ми Мирко или со двајцата. Беше зима, 1964-та, оние први месеци по земјотресот. Кафеаната ми изгледаше огромна: на средината имаше печка на дрва, која баботеше. На неа се топлеа ракија и вино, а во воздухот се мешаа алкохолни испарувања. Во аголот седеше некој човек, најверојатно запиен од претходната ноќ. Изгледаше сериозно како некој лик од филм, од психолошка драма. Јадеше салата од сторена зелка, посипана со буковска пипер. Тоа ми се виде бескрајно возрасно и егзотично.

Тој вид егзотика немаше врска со музиката што во раните шеесетти години ја слушавме на радио Гром на романтични и зашеќерени италијански канцони. Но ’Идадија’ како да беше предвесник на една друга музика и на една друга егзотика, која наскоро ја обзеде мојата генерација. Тоа беше блузот. Почнавме да ја бараме музиката на оние поранешни црни робови, возрасни, искусни, уморни луѓе, луѓе што немаат време за губење со измислици, кои како да решиле да ја говорат само голата вистина. Еве еден стих за пример: ’Кога ќе запее петелот на полноќ девојче, ти ќе ме побараш, но јас ќе бидам заминат…’ – просто сведоштво за жестока средба и разделба, остро како хируршки скалпел.

Блузот и кафеаната ’Идадија’ ни укажуваа на фактот дека светот е голем, убав и суров, маалски универзитет-– таму се држеа лекции што не ги учевме на училиште, а за кои интуитивно знаевме дека се пресудни за преживување: лекции за припадност, чесност, лекции за тоа како да се дочекаш на нозе доколку паднеш и како да станеш таму каде што си паднал. Тоа беше вежбалница за љубов и севда, за трампа и трговија, за шегачење и политички процени. Немаше ништо пострашно од тоа некому да му излезе име или муабет во ’Идадија’. ’Идадија’ беше јавна трибина, берза, кантар на маалскиот дух.

Кога прв пат влегов во ’Идадија’ бев дете, но некако бев доволно свесен да ги почувствувам нејзината привлечна снага и нејзиниот поклич. ’Идадија’ ми остави жиг во срцето, кој го носам до денес и со кој се гордеам. Честит јубилеј, ’Идадија’“.
Колку многу има животна филозофија и мудрости во ова обраќање, достојни за големината на Горан како човек и писател. Неговото познавање на луѓето и животот проблеснуваше од секоја негова драма, од секој негов текст, па дури и од најмалиот фрагмент. Со него ме врзуваше искрено пријателство, бидејќи имав можност да го запознаам Горан уште од младешките години. По игра на судбината, имав блиски пријатели од неговата генерација, средношколци во гимназијата „Георги Димитров“. Тие наши заеднички пријатели постојано нѐ поврзуваа, а тој никогаш не пропушташе да ги поздрави, при неговите доаѓања од Англија во Скопје, без оглед на тоа колку долго траеја тие негови доаѓања.

На самиот почеток на 1970-тите години Горан Стефановски дојде во редакцијата на весникот „Млад борец“, која тогаш се наоѓаше на осмиот кат во зградата на Синдикатите, каде што јас работев во културната редакција. Горан требаше да замине на студии во Белград, и изрази желба оттаму да ни испраќа дописи до редакцијата посветени на театарскиот живот. За жал, таа соработка траеше кратко, но интересно е од денешен аспект да се види што пишуваше Горан за театарот во тоа време. Многу подоцна, за првпат во „Разгледи“ ги објавивме неговите „Конзервирани импресии“.
Кога славниот тандем Слободан Унковски – Горан Стефановски ја подготвуваше претставата „Демонот од Дебар Маало“, ми припадна честа да го напишам предговорот во програмчето за претставата, каде што од свој агол го опишав феноменот на Дебар Маало. Опишувајќи ја општата љубов на скопјани кон ова маало, текстот го завршив со реченицата: „Дебар Маало – наше засекогаш“. Горан беше и остана легенда, а таа реченица денес гласи – „Горан Стефановски – наш засекогаш“.