Косовскиот претседател Хашим Тачи следната недела ќе се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, пишува приштинскиот портал „Индексонлајн“, повикувајќи се на дипломатски извори. На разговорите двајцата претседатели треба да разговараат за иницијативата за корекција на границата меѓу Косово и Србија, за која има поддршка и од САД, пренесе РТС.

– Ваквата опција е сосема очекувана по изјавата на советникот за безбедност Џон Болтон. Тој на конференцијата за новинарите во Киев изјави дека американската политика е таква што ако двете страни може да разговараат и да постигнат договор, САД нема да ја отфрлат корекцијата на териториите – наведува „Индексонлајн“
Пораката на Хашим Тачи за тоа дека „Западот не може да ја убеди Србија да го признае Косово“ претставниците на дипломатските кругови и одделни опозициски политичари во Белград и во Приштина ја толкуваат како јасен знак дека тој би бил задоволен од спогодба, која не би значела експлицитно признавање на Косово од страна на Белград и би овозможила тоа да добие членство во ОН.

Според соговорниците на „Данас“, можно е Тачи да го подготвува теренот за договор со српскиот претседател Александар Вучиќ. Од неофицијални дипломатски извори постојат очекувања дека земјите од квинтата (САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија) имаат одлучувачка улога во дефинирањето на конечниот статус на Косово.