Да беше Заев добар човек ќе беше нашиот Форест Гамп

Сакаат да ни го укинат идентитетот лажејќи нè дека со новиот ќе се реализираме како држава. Постојат пет групи од оние што на 30 септември ќе гласаат за промена на името на Република Македонија

Дошла бенката на Никола Димитров кај пластичен хирург.
– Сакам да сменам идентитет – рекла.
– Што сакаш да правам? – прашал хирургот.
– Отстрани ми го нереализираниов и наместо него закачи ми го Роберт де Ниро.

Ќе беше смешно да не беше трагично. Сакаат да ни го укинат идентитетот лажејќи нè дека со новиот ќе се реализираме како држава. Постојат пет групи од оние што на 30 септември ќе гласаат за промена на името на Република Македонија:

1. Црпнати – оние што не размислуваат со своја глава, па подготвени се и сопствените деца да ги фрлат во проституција ако така кажат лидерот или партијата.

2. Злорадосни – оние што толку безумно го мразат ВМРО-ДПМНЕ, па ја изгубиле моќта на расудување и се убедени дека сè што е македонско е вмроовско, односно својата омраза кон една партија ја рефлектираат на Македонија.

3. Money-јаци (мани-јаци, од англискиот money што значи пари) – оние што за пари би продале и мајка, и име, и држава, и родени деца.

4. Наивни – оние што навистина се убедени дека Европската Унија нема попаметна работа туку по влезот на Северна Македонија, ќе почне да се расфрла со своите пари кон нас, ќе ни креваат плати, ќе ни оправаат здравство, образование и иако ова се граничи со безумност, сепак станува збор за наивност и необразованост.

5. Нереализирани – тоа ви се еден куп професори, новинари, лажната авангарда, интелектуалната бижутерија, кои сакајќи да творат, а мислејќи дека се најдобри и најумни, во мигот кога ќе сфатат дека се просечни, стануваат деструктивци полни бес и хистерија, па токму тие се најгласни за промена на името, најмногу малтретираат со ЕУ и со НАТО, затоа што, од една страна мислат дека нешто таму ќе ги изреализира, но од друга страна, знаејќи дека не постои сила што може да ја исполни духовна празнотија се надеваат дека во еден толку голем сојуз, ќе се изгуби фактот дека се неспособни.
Да ги разгледаме одделно!

Црпнати. На пример, градоначалникот на Демир Хисар. Очигледно е црпнат во умот. И насилник подготвен веројатно и да пука по луѓе ако добие таква директива од партијата. Може ли нормален човек да влезе во училница полна дечиња и онака да им се заканува на наставничките? Среќа, овие храбри жени не му се исплашија, па го снимија. Претпоставувам и ова е дел од кампањата на СДСМ и на ЕУ. Не злоупотребуваат само деца по плакати, пуштаат насилници да им се дерат над глава.

Што ли има да каже Жбогар? Добар градоначалников, а? Да си го земете во ЕУ одма! Интересна ми е само хистеричнава интелектуална бижутерија, која до вчера вриштеше за тоа како Протуѓер по телефон ќе фрлал некого во ендек, а сега уста полна измет. Нема ги да зуцнат.

Злорадосни. Тричковски е совршен пример. Не фудбалерот, туку квазиновинарот. Да не беше толку морбиден простак ќе звучеше како неуспешен виц на Џокер. Да беше за нијанса полуд одошто е, ќе можеше да се вклопи во европските „вредности“ и да стане Брејвик.

Money-јаци. Подготвени за пари да направат сè. Светот страда поради ваквите луѓе. Кај нас ги гледаме со години. Сите до еден во служба на изопачената моќ. Логично е луѓе што одработуваат туѓи црни сценарија и самите да поцрнат во срцата свои. Затоа од нив постојано истекува злоба. Таа злоба тече низ социјалните мрежи, во колумните што ги пишуваат. Ако не исфрлаат злоба, тогаш се закануваат. Како оној Камбовски. Низ историјата ваквите ликови го распнале Христос, го запалиле Џордано Бруно, го стрелале Лорка.

Наивни. Такви има секогаш. И самиот сум често наивен. Но не околу ова прашање. Со наивноста, под рака фатени вообичаено одат, неинформираноста и незаинтересираноста, па заедно понекогаш доведуваат до катастрофа. Многумина наивно мислеле дека носењето на Евреите од нивните живеалишта во логорите за работа не значи нивна смрт во гасни комори со што на одреден начин станале соучесници во холокаустот. Денес се случува еден поинаков холокауст, идентитетскиот холокауст што се спроведува врз нас Македонците. Наивноста, неинформираноста и незаинтересираноста многумина ќе ги направи соучесници во холокаустот. Проблемот е што овие наивни луѓе понекогаш одбиваат да го видат очигледното. На пример, како власта непосредно пред референдумот бесрамно ги лаже. Нивната кампања „излези ЗА“ не е ништо друго, туку бесрамно лажење. Ај што бесрамно лажат, ама и малоумни сакаат да нè направат. Зарем може некој да биде толку наивен и неинформиран да им поверува дека низ цела Европска Унија ќе имаме бесплатни здравствени услуги? Но, не лажат само овие збеснативе од власта. Рамо до рамо со нив лаже и Европската Унија. И сите оние нивни емисари што деновиве ѝ прават реденка на Македонија.

Останаа уште нереализираните. По мене, најштетните. Оти нереализираноста раѓа фрустрација. А фрустрациите, омраза. Омразата, пак, е крајно деструктивна. Со овој тип луѓе војувам од самиот почеток на специјалната војна против Македонија. Илјадапати досега сум ги почувствувал нивната злоба и омраза. Таа деструктивна злоба и омраза ги прави такви што нивната животна нереализираност блуе одвратни гадости и невистини кон секој неистомисленик. Последна нивна жртва е професорката Билјана Ванковска. Во недостиг од аргументи и факти преку кои би се спротивставиле во квалитетна дебата, како Павлов рефлекс, кај нив се активира хистеријата. И почнуваат со своите навреди како оние за сандалите на професорката. Тука секогаш запаѓам во черчиловско расположение. Ванковска утре може да си купи какви сака сандали, може и боса да оди ако така ѝ се присака, ама они секое наредно утро ќе се будат со сопствената грда празнотија на нереализираната душа.

За крај, како кулминација на забеганоста и безумноста, остана Зоран Заев. Ги слушате ли неговите пропагандни, ама непосетени трибини? Човекот сосема забега. Влезе во садомазо-филм. Бара да дојде некој од ЕУ и да нè камшикува. Ќе си рече човек, ова е врвот на забеганоста. Ама Заев секој ден демантира. Последно во низата лудости е пораката до бизнисмените да ги поткупуваат работниците за овие да излезат на референдум. Има ли оваа држава суд и закон? Да беше Заев добар човек можеше да биде нашиот Форест Гамп.