На ЕП пријавени се 405 натпреварувачи, во осум тежински категории од 42 држави

Македонската џудо-репрезентација во состав Берна Шерифовска (категорија до 57 кг) и Борче Ангелов (до 73 кг), предводена од селекторот Горан Мицкоски, од денеска до недела ќе настапи на Европското првенство (ЕП) за јуниори и јуниорки, во Софија (Бугарија).

– Од нашите репрезентативци очекувам да се претстават во одлично светло и да го дадат максимумот и на ова ЕП. Шерифовска во 1-то коло ќе се сретне со Етери Липертелиани од Грузија, со која имаше изедначена борба на Купот на Европа во Романија во која на крајот загуби, но сега се надевам на победа. Таа во меѓувреме постигна и одличен резултат на Балканијадата за сениори во Кавадарци, што е одлична мотивација и овде во Бугарија да го даде максимумот. Ангелов, пак, во 1-то коло ќе се сретне со Килијан Очш од Германија. Тој во изминатиот период бележи добри резултати и се претстави во одлично светло на Балканијадата. Се надевам дека формата што ја презентираше во изминатиот период на ова ЕП ќе ја потврди со успешен настап. Како селектор се радувам што двајцата репрезентативци се талентирани млади џудисти пред кои претстојат уште многу вакви натпревари и тие се дел од една генерација, која ја предводев како селектор на пионерскиот состав уште пред 7-8 години и тоа е само потврда за тогашните мои одлуки – вели Мицкоски.
На ЕП конкуренцијата е мошне силна. Пријавени се вкупно 405 натпреварувачи од кои 217 во машка и 188 во женска конкуренција во осум тежински категории од 42 држави.

– Да нагласам и тоа дека Македонија има уште многу џудисти, кои можат да постигнат врвни резултати, џудисти што се талентирани и можат да бидат рамо до рамо со своите врсници од Европа и од светот, и отворено апелирам до нив да продолжат со макотрпните тренинзи до постигнување на целта – вели Мицкоски.