Зградата на поранешниот воен отсек во Кочани ќе и биде преотстапена на локалната самоуправа, за таа да бара решение за нејзина реконструкција или за изградба на нов објект.

Согласност за преотстапување на објектот е веќе добиена од Министерството за одбрана, кое е сопственик на најголем дел од зградата што веќе неколку децении е во фаза на распаѓање.

На денешната средба со министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, градоначалникот на Кочани Николчо Илијев истакна дека сопственици на објектот се државни институции, поради што ќе мора да се бара начин за сместување на вработените.

– Освен Министерството за одбрана, корисници на просторот се и Управата за јавни приходи, Центарот за управување со кризи и едно основно училиште. Со преотстапувањето на објектот ние ќе бараме решение што ќе биде најприфатливо, односно општината ќе обезбеди други простории за вработените во подрачната единица за одбрана и во другите институции. Дали објектот ќе се реконструира или на негово место ќе се гради друг, ќе се одлучува подоцна, истакна Илијев.

Со намера што побрзо да ја преземе сопственоста на зградата, општина Кочани наскоро ќе ја започне постапката за преотстапување, при што ќе се почитуваат законските процедури.

Објектот на воениот отсек е изграден пред повеќе од шест децении, а поради влагата и сериозните оштетувања вработените во него не можат нормално да ги извршуваат работните обврски.