Во изминативе два дена беа одржани богослужби и литургии посветени на отсекувањето на главата на свети Јован Крстител, патрон на манастирот

Неколку стотици верници речиси од сите краеви на Македонија и гости од соседните држави Бугарија, Грција и Србија, но и од Полска и Австрија, во изминативе два дена присуствуваа на богослужбите и литургиите посветени на отсекувањето на главата на свети Јован Крстител, патрон на Бигорскиот манастир.

Вчера беа отслужени утрена богослужба и света архијерејска Златоустива литургија, со која чиноначалствуваше митрополитот г. Тимотеј, надлежен архијереј на дебарско-кичевската епархија, со сослужение на монаси на Бигорски, хорот на манастирот и свештенослужители на епархијата. Црквата беше претесна да ги собере сите верници, а поголемиот дел ја следеше во дворот на манастирот.

Беседа за свети Јован Крстител одржа митрополитот г. Тимотеј.

– Денешниот ден е и тажен и радосен. Жалосен бидејќи ние, според човечкото разбирање, остануваме без молитвеник, немаме патеводител, немаме учител, нема кој да тагува за време на нашите душевни и телесни страдања. Од друга страна, пак, ги помниме смртта и страдањата на Христа, на Оној што го победи злото, а смртта на Јован Претеча ни дава гаранција дека тој, сега како угодник божји, се наоѓа пред престолот божји и е наш молитвеник пред Бога. Тој постојано се моли и за нас, кои го прославуваме и го почитуваме неговиот спомен – рече тој.

На крајот на беседата, митрополитот г. Тимотеј истакна дека свети Јован се јавува како последен пророк и прв Христов апостол. Ни дава пример како да ја чуваме нашата вера и како треба да бидеме предани кон нашиот божествен учител, покажувајќи ни го патот по кој треба да одиме кон тивкото пристаниште на царското небесно.

Игуменот на Бигорскиот манастир, архимандритот Партениј, истакна дека со особено задоволство соопштува дека монашкото братство на осумдесет и неколкугодишната Драгица Андоновска ѝ го доделува највисокото признание на Бигорскиот манастир, орденот „Претеча“.Андоновска го доби орденот за 23-годишната љубов кон Бигорскиот манастир, при што неуморно, со самопрегор ги организира верниците на Битола, Прилеп и околината за поклонение на големите празници. Орденот ѝ го врачи митрополитот Тимотеј. Беше возбудена и пресреќна што нејзините гради ги краси орденот на овој манастир. Иако ѝ натежнале годините, сѐ додека ѝ дозволува здравјето, ќе продолжи со благородната мисија.