Фото: Дарко Андоновски

МАНУ има свои ставови за прашањето за името, уште од 1992 година до денес, т.е. до моментот кога преговорите навлегоа во критична фаза. И тие ставови еволуираа со текот на времето, вели претседателот на МАНУ, Таки Фити

Македонската академија на науките и уметностите, односно нејзиниот Центар за стратегиски истражувања организира научна конференција на тема „Спогодбата од Преспа – меѓународно значење и импликации врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“. Иако предвидена за изнесување научни аргументи од страна на академиците, за придобивките, но и недостатоците на спогодбата од Мала Преспа, пред претстојниот референдум (каде што спогодбата е дел од референдумското изјаснување за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО), сепак во првата сесија доминираа искажувањата на претставниците од Владата што учествувале во преговарачкиот процес со Грција, како премиерот Зоран Заев и министрите за евроинтеграции и надворешни работи Бујар Османи и Никола Димитров. Свои излагања на темата имаа и амбасадорите на САД и на Франција, Џес Бејли и Кристијан Тимоние. Секако, воведни излагања имаа и претседателот на МАНУ, Таки Фити, и академикот Владо Камбовски, како и професорот Владо Поповски, но и првиот спикер на македонскиот парламент, Стојан Андов.

Оцената што доминираше во сите излагања на научната расправа беше дека спогодбата од Мала Преспа е најдобриот консензус што можел да се добие во геополитичката констелација во која живее Македонија, а акцентот претежно беше насочуван на придобивките што ќе ги има земјата со членството во ЕУ и во НАТО.

Сепак, во делот од конференцијата наменет за медиумите, претседателот на МАНУ, Таки Фити, беше потсетен на позициите што ги имаше академијата пред потпишувањето на спогодбата во Нивици, односно неприфаќање на новото име за севкупна употреба, односно ерга омнес, и несогласување со интервенции во Уставот на Р Македонија. И претходно низ годините МАНУ има излегувано со јасни ставови, но и официјални документи и меморандуми, во кои недвосмислено се брани уставното име на државата како и нашите идентитетски обележја. Оттаму се поставува прашањето која е причината за сегашниот пресврт и дали можеби политиката длабоко вмешала прсти во науката.

Што се однесува до можноста академијата да ја задржи својата национална идентитетска одредница „македонска“, академикот Владо Камбовски своите надежи ги темели на принципот бона фиде (добронамерност)

– Да, имаше такви обвинувања, но тука има едно елементарно недоразбирање. МАНУ има свои ставови за прашањето за името, уште од 1992 година до денес, т.е. до моментот кога преговорите навлегоа во критична фаза. И тие ставови еволуираа со текот на времето. На почетокот велевме името да биде Република Македонија-Скопје… Но условите се менуваа, а ние и понатаму ги разработувавме, ги аргументиравме во дванаесетина различни обраќања, од кои некои се објавени како цели студии. Но дека еволуираа нашите погледи и сфаќања, тоа е точно. Во што е недоразбирањето? Ние на крајот направивме платформа со која сакавме да им помогнеме на нашата влада и нашиот преговарачки тим, особено во релативизирањето на некои барања што ги наметнуваше грчката страна. Тоа беше во случајот барањето за ерга омнес и менување на Уставот. Ние дававме аргументи зошто не треба да се прифати тоа. На пример, барањето за уставна ревизија мислевме дека може да се реши со меѓународен договор, што би било полесно и за целосно прифаќање на договорот… Но, исто така, ние немавме никакви илузии дека сите овие наши барања и аргументи ќе бидат прифатени. Тоа се договори, тоа е однос на сили, аргументи… Но се направи компромис, со кој ние можеме да бидеме задоволни или незадоволни… Но секогаш при компромис, двете страни се незадоволни со дел од решенијата. Сепак важни се тие две придобивки од спогодбата: идентитетските прашања и нашите перспективи на економски план и развој. Да се одлепиме од оваа стагнација и изолација, бидејќи многу е мала Македонија за да може сама да егзистира – го образложи еволутивниот пат на ставовите на МАНУ, претседателот Таки Фити.

Што се однесува до можноста академијата да ја задржи својата национална идентитетска одредница „македонска“, академикот Владо Камбовски своите надежи ги темели на принципот бона фиде (добронамерност) и фактот што пандан на институција со такво име нема на спротивната страна, во Грција.

– Одредбата во членот 7 од спогодбата од Преспа е јасна во поглед на тоа каде ќе се користи придавката „македонски“. Таа ќе се користи и за јавните институции и тој поим е широко одреден. Се однесува на јавни институции што вршат јавни функции, но ги опфаќа и јавните институции во сферата на културата, образованието, науката итн… Останува евентуално предмет на понатамошни разговори, во духот на бона фиде толкувања, дали евентуално овие други институции што се во независната сфера на општеството (научните, пред сѐ), како што е Македонската академија на науките и уметностите, поради нивното брендирање во научната и во светската јавност, да можат сепак да го користат името со придавката „македонски“, особено што нема пандан на другата страна. Тоа ќе бидат повеќе меѓуинституционални разговори – смета академикот Владо Камбовски.

На прашањето на можното ново именување на МАНУ, според одредбите од спогодбата од Нивици, претседателот на академијата Таки Фити смета дека како аргумент може да се употреби и фактот дека, и покрај тоа што МАНУ е буџетска институција, сепак во голем дел е и самостојна во повеќе области од своето работење.

– Навистина, ние сме буџетска институција, но не целосно. Голем дел од средствата обезбедуваме и со научни проекти, а научната сфера е посебна општествена сфера. Од самото наше формирање, како академија, и покрај тоа што сме буџетска институција, имаме извонредно голема самостојност. Токму поради тоа можеби има флексибилност да се размисли (ќе разговараме и со правници) ако може да се употреби тоа како аргумент, покрај бона фиде, за зачувување на името на МАНУ. Но што и да се случи, не ја намалува нашата убеденост за успешно решавање на идентитетските прашање – смета претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Претпоставките се дека во согласност со спогодбата со Грција, кратенката МАНУ би се трансформира во АНУСМ, односно Академија на науките и уметностите на Северна Македонија.

На крајот, дури и премиерот Зоран Заев вети дека ќе се заложи да се разложи духот на договорот до најситниот детаљ, во текот на неговата имплементација, за МАНУ да го задржи својот назив – Македонска академија на науките и уметностите.

– Нашиот народ е исправен пред многу сериозна одлука. Духот на договорот веројатно во текот на неговата имплементација ќе го разложуваме до најситниот детаљ, вклучувајќи го и прашањето за МАНУ. Треба да знаете дека сѐ што е по линија на новото име, доколку граѓаните го прифатат тоа, ќе се применува по вертикала докрај. Сѐ што е по линија на идентитетот ќе се применува по линија на идентитетот докрај. Значи: македонско, македонска академија или слично е идентитетско прашање, но и државна институција финансирана и од државни пари. Затоа е отворена дебатата. Верувам дека и во духот на бона фиде ќе ги најдеме решенија за сите овие прашања – рече премиерот Зоран Заев.