Зељул Реџепи

Главните цели на ЏФМ се квалитетно подобрување на условите за работа во клубовите, создавање навремена и здрава селекција џудисти со соодветни подготовки, остварување високи натпреварувачки цели на ЕП и на СП, како и учество на ЛОИ 2020, вели Зељул Реџепи, претседателот на ЏФМ

За претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), Зељул Реџепи, успехот на репрезентативците на Балканијадата во Кавадарци е очекуван, бидејќи нивниот напредок неколку години е евидентен, не само на Балканот туку и пошироко.
– Успехот секако е најголем досега и екипно и поединечно без разлика на конкуренцијата, но и не треба многу да изненадува, со оглед на тоа што со овие надежни деца во континуитет од неколку години наназад се работи во клубовите, а нивниот напредок е евидентен не само на Балканот, туку и во европски рамки. Малку недостигаше да бидеме и екипни балкански шампиони, бидејќи во борбата за златниот медал поведовме со 2-0 против БиХ, со победите на јуниорите Берта Шерифовска и Борче Ангелов, но не успеавме да издржиме до крајот. Сепак, успехот изразен со 10 медали од кои еден златен, пет сребрeни и четири бронзени, секако е за поздравување – вели Реџепи.

Новото раководство на ЏФМ, кое беше избрано на 5 мај годинава, има поставено конкретни насоки за работа.

– Главните цели на ЏФМ се квалитетно подобрување на условите за работа во клубовите, создавање навремена и здрава селекција на џудисти со соодветни подготовки, остварување високи натпреварувачки достигнувања на ЕП и на СП, како и учество на ЛОИ во 2020 година. А овие цели можеме да ги постигнеме, затоа што имаме квалитетни џудисти, а и рецепт за успех. Иако главен кочничар за понатамошен развој, како и во многу други спортови, така и кај нас, претставуваат финансиските средства, сепак, од мај имаме целосна поддршка од Агенцијата за млади и спорт, остваривме контакт и со премиерот на Р. Македонија, имаме постојани средби и поддршка од МОК, што секако е за поздравување. Работиме и на обезбедување сопствена сала за подготовки на џудистите, а почнавме и контакти со Амбасадата на Јапонија, за да добиеме од нив спортска опрема. Иако во ек беа летните одмори, сепак ЏФМ успеа да ги реализира сите државни првенства, семинари за тренери и судии, како и нивно лиценцирање. Годинава учествувавме на балканските првенства за пионери, кадети и за јуниори, а во план ни е и да ја активираме и домашната лига – рече Реџепи.

Според првиот човек на ЏФМ, Македонија има квалитетни спортисти.

– Македонија има квалитетен материјал за финален спортски производ. Затоа моја препорака е младите деца да се занимаваат што повеќе со спорт, вредно и упорно да тренираат и резултатите нема да изостанат. Во џудото, пак, сите заеднички треба да си помагаме за негов што побрз развој. Македонија имаше свој претставник на ЛОИ во 2016 година, двајца што настапија на Медитеранските игри во Тарагона годинава, има олимписки стипендист, а ќе има и претставник на Младинските игри во Аргентина во октомври. Хамза Јашари, Артан Рушити, Борче Ангелов, Берта и Еди Шерифовски се џудисти што имаат квалитет да изборат пласман на ЛОИ 2020, a чија норма почнува да се брка од 2019 година. Првпат пред две години на конгресот на Балканската асоцијација во Скопје, македонското џудо доби и потпретседателско место, додека на јуниорското ЕП во Софија потврдена ми е средба со претседателот на Европската џудо-унија, Сергеј Соловејчик, каде што главна цел ќе ми биде да издејствувам организација на едно ЕП. По Турција ние важиме за држава што најдобро ги организира балканијадите. Мислам дека со добро лобирање може да ја оствариме и оваа цел – вели Реџепи.