Фото: Дарко Андоновски

Секое движење во политиката неминовно се одразува и врз економијата така што упатените очекуваат дека исходот од референдумот и евентуално придвижување на евроатлантските интеграции на државата сигурно ќе имаат големо влијание врз интересот за вложување, како кај домашните така и кај странските инвеститори

По забележаниот раст на тргувањето на македонската берза од почетокот на годинава, што според упатените се должи на подобрите резултати во работењето на компаниите, од пред извесно време е евидентирана блага стагнација. Со наближувањето на референдумското изјаснување за спогодбата со Грција, неизбежно се поставува прашањето дали и како истото тоа ќе се одрази врз македонската берза, односно врз вредноста на акциите. Инволвираните потврдуваат дека се чувствува блага стагнација на берзата, но посочуваат оти многу побитен е периодот по референдумот, кога треба да се дефинираат состојбите. Нивните очекувања се дека по референдумот ќе има уште поголем интерес за тргување.

– Трендовите на позитивни раздвижувања на Македонската берза се присутни веќе неколку години. Од година на година очигледен е порастот на волуменот на истргувани хартии од вредност како и порастот на ценовните нивоа. Изразено во бројки, вкупниот промет за првото полугодие оваа година е 6,8 милијарди денари, додека прометот во првото полугодие на 2017 година беше 2 милијарди, односно 1,2 милијарда во 2016 година. Вкупната пазарна капитализација е порасната за речиси 24 отсто во однос на капитализацијата во 2017 година – кажа Коста Костадиновски, извршен директор во инвестицискиот фонд „Илирика“.

Костадиновски истакна дека најголем дел од причините за позитивните движење се должат на резултатите од работењето на компаниите изразени преку нивните приходи и добивки.

– Според моето видување, пазарот особено високо ги цени компаниите што исплаќаат високи дивиденди. Многу голем дел од котираните компании во извештаите за вториот квартал прикажаа резултати над нашите очекувања. Поволните макроекономски индикатори во опкружување со ниски каматни стапки дополнително ја стимулираат берзата. Нормално, вкупната политичка клима и исходот од значајни политички одлуки како што е референдумот влијаат врз сентиментот на берзата – додаде Костовски. Директорот на „Илирика“, меѓу другото, истакна дека исходот на референдумот и интеграциските процеси на државата ќе имаат влијание врз движењата на берзата.

– Според она што секојдневно го воочуваме во комуникацијата со нашите клиенти и со другите чинители на пазарот на капиталот, исходот од референдумот и генерално интеграциските процеси на државата имаат високо влијание на интересот за вложување. Доколку се случи комплетирање на интеграциските процеси, покрај домашните, може да се очекува и зголемен интерес од странските вложувачи – истакна Костадиновски. Инвестицискиот брокер и директор од брокерската куќа „Еурохаус“, Сашо Дракуловски, исто така посочи дека изминатиов период се забележува подобрување на состојбата на берзата, генерално поради добрите биланси на компаниите.

– Компаниите имаат добри финансиски резултати и тоа повлече поголема доверба и поголем интерес за вложување. Но, секако, врз одлуките за инвестирање влијаеше и стабилната политичка ситуација, по превирањата минатата година. Сето ова влијаеше да се зголемат и цените. Сепак, со наближување на референдумот, како и при избори, повторно влеговме во еден период на стагнација, па сега може да се каже слободно дека стагнираа берзата, иако претходно имаше заживување. Оваа реакција е сосема очекувана како и при избори, бидејќи се чека на исходот од изборите, или во случајов исходот од референдумот, по што очекувам клиентите да одлучат дали и каде ќе инвестираат – објасни Дракуловски.

Тој додаде дека секаде во светот и на сите берзи при политичка криза има стагнација, посочи дека промените влијаат со песимизам врз инвеститорите, кои, пак, сакаат при инвестирање да се сигурни во пласманот на своите средства и нивниот повраток.

– Сметам дека берзата ќе стагнира додека да помине референдумот, а секако, зависно од случувањата по него, ќе има промени на берзата. Периодот по референдумот ќе биде побитен, што ќе се случува по него, исто така ќе влијае врз случувањата на берзата. Секое движење во политиката неминовно се одразува и врз економијата, и при избори има мала резерва, па исто е и сега – заклучи Дракуловски.