Фото: Игор Бансколиев

Има објекти што се проектирани како една класа, а потоа се покажува дека се сосема друга, поради што и граѓаните добиваат многу повисоки сметки. За надминување на ваквите пропусти, Стопанската комора на Македонија најави нов триесетмесечен проект т.н. „Тренинг“, кој ќе ги обучува работниците и компаниите-изведувачи на добро поставување изолација, прозорци, врати

Граѓаните не можат да бидат сигурни дали кога купуваат стан добиваат навистина енергетски ефикасен објект од А-категорија како што стои во проектната документација или од Б, па дури и од Ц-класа, зашто често, потрошувачката на енергија по пуштањето во употреба на станбениот објект е многу поголема од теоретски предвидената пред неговата изградба.

Како што истакнаа во Стопанската комора на Македонија, сертификатите за енергетска ефикасност на становите, во согласност со легислативата во овој момент, се издаваат врз база на проектната документација, но во текот на изградбата се случуваат најразлични промени, кои потоа доведуваат до отстапувања.

– Енергетската ефикасност се разгледува само на почеток, на ниво на проектирање, но дали тоа што е ставено на хартија навистина излегува и на дело кога зградата или објектот ќе се пушти во употреба. Анкетите покажуваат дека тоа засега не е случај. Голема е разликата меѓу потрошувачката на енергија што била предвидена и онаа што е реална во практика – истакна Игор Панчевски, експерт за енергетска ефикасност.

Според него, причини за тоа се комплексноста на процесот на градба, како и вештините на работниците.

– Изградбата е фрагментиран, мултидисциплинарен процес што вклучува градежништво, архитектура, машинство, електрика. Сите тие не можат да ја применат секоја мала измена направена во одредени сегменти за време на изградбата. Некои од нив дури не ја ни знаат измената. Тука се многу битни и вештините на работниците. Може да имате колку сакате добри материјали, да ставите одлични прозорци, но ако оние што се на терен не го имплементираат тоа добро, ефектите ќе бидат слаби – укажува Панчевски.

Има објекти што се проектирани како една класа, а потоа се покажува дека се сосема друга, поради што и граѓаните добиваат многу повисоки сметки.
За надминување на ваквите пропусти, комората најави нов триесетмесечен проект т.н. „Тренинг“, кој ќе ги обучува работниците и компаниите-изведувачи на добро поставување изолација, прозорци, врати. Ќе се промовира алатката „Бим“ што ги обединува сите фактори во изградбата за тие да можат да ја следат секоја промена при реализацијата на проектот. Со тоа, велат од комората, ќе се намали или елиминира разликата во потрошувачката на енергија од проектирањето до пуштањето во употреба и користењето на зградите.
– „Бим“ е европски тренд и го применуваат сите развиени западни земји. Проценето е од досегашното искуство дека со имплементација на процесот „Бим“ при градењето, можат да се достигнат значителни финансиски заштеди, во висина од 15 до 25 отсто од севкупната инвестициска вредност на објектот – истакна Панчевски.
Новиот проект на Стопанската комора ќе се реализира во соработка со шпански партнер и со Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ). Дел е од програмата „Хоризонт 2020“, а официјално ќе почне со конференцијата „Кик оф“ во Скопје, на 27 септември. Се очекува проектот да опфати 30 компании и 230 професионалци да добијат сертификат за имплементирање „Бим“ во нивните фирми.
Според експертите, скоро 40 отсто од потрошувачката на енергија и енергенти му припаѓа на градежништвото.

– Градежниот сектор е специфичен по тоа што голем дел од работниците немаат формално образование или немаат официјални документи за вештините што ги поседуваат. Тоа ги прави компаниите неконкурентни во бизнисот, а работната сила неконкурентна на пазарот на трудот. Она што за нас ќе биде предизвик, е токму да се спроведе препознавање на вештините што ги имаат работниците, техничарите и инженерите преку нивно сертифицирање, како и да се одржат акредитирани обуки што ќе бидат направени во согласност со потребите на инвеститорите, градежните компании и професионалните организации – сметаат од комората.