Српскиот тенисер пред неколку месеци беше надвор од најдобрите 15, а по победата на САД опен, за вкупно 14-та гранслем-титула, се искачи на третото место, со шанси годината да ја заврши и како прв, петти пат во кариерата

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ повторно е крал на светскиот тенис. На Отвореното првенство на САД во Њујорк славеше третпат, откако во финалето го победи Аргентинецот Хуан Мартин дел Потро, со 6-3, 7-6, 6-3. За Ѓоковиќ ова е вкупно 14-та гранслем-титула, со што се израмни со Американецот Пит Сампрас на третото место на вечната листа. Со оваа победа тој заработи нови 3,8 милиони долари и, со вкупна заработка само од турнири од над 119 милиони долари, го надмина досега водечкиот Роже Федерер, кој, пак, останува прв според гранслем-титулите, 20, пред Рафаел Надал со 17.

Овој успех во Њујорк го искачи Ѓоковиќ на третата позиција на светската АТП-листа, со 445 бода помалку од второпласираниот Федерер. Надал засега е предалеку, со 2.215 бода повеќе, но и тој мора многу да направи оваа есен (иако го мачи повреда), па ќе биде интересно да се види како ќе изгледа распоредот на врвот на крајот од годинава. А годинава Ѓоковиќ во осминафиналето на Австралија опен загуби од младиот Чунг Хјон од Јужна Кореја, по што замина на операција на лактот. Следуваа нови порази, но Србинот не се предаваше, иако веќе на големо почнаа да се пишуваат текстови за евентуалниот крај на кариерата на еден од најдобрите тенисери во историјата на белиот спорт. По поразот на Ролан Гарос, беше надвор од првите 15 во светот, а сега веќе е трет.

По поразот на Ролан Гарос, тој и неговата сопруга заминаа да планинарат во Франција.

– Дојдовме до врвот, седнавме и го гледавме светот под нас од поинаква перспектива. Размислував за тенисот и за емоциите што тој ги буди во мене, како да добив некоја нова желба за овој спорт. Ме обзеде нова енергија, која потоа се преточи во успешни резултати. На таа планина се изолирав и од тој момент тенисот за мене стана сосема друг спорт. Мислим дека наскоро повторно ќе заминам на планинарење – изјавил Ѓоковиќ по победата над Дел Потро.