„Звуците на културата“ е насловена манифестацијата што првпат ќе се одржи во општината Ѓорче Петров. Ќе почне од денеска и ќе трае до 23 септември. Овој двонеделен настан на посетителите ќе им понуди многу интересни, но и несекојдневни содржини од повеќе сфери и за сите возрасти.
– Програмата, која изобилува со културни, музички и спортски настани, почнува денеска со отворање на спортската манифестација во мал фудбал „Геге-куп“, која по долги години се враќа на игралиштето во основното училиште „Страшо Пинџур“. Наедно, во рамките на тие десетина дена предвидени се незаборавни моменти во Ѓорче Петров, а на 20 септември ќе биде одбележан и патрониот празник на општината – соопштуваат од Ѓорче Петров..
На оваа неколкудневна манифестација ќе настапат познати македонски музички бендови и изведувачи, ќе има базар, културни и спортски игри, работилници за деца и театарски претстави. Според планираното, ќе има хуманитарна акција, кинопроекција на отворено, катче за удомување и помош на бездомни животни, ракотворби, баскер-перформанси, како и презентација на храна и пијалаци од локални производители. Ова е само дел од она што ќе може да се види и слушне во Ѓорче Петров во средината на месецов, а од локалната самоуправа ги покануваат граѓаните да бидат дел од настаните што ќе се одржат на игралиштето во училиштето „Страшо Пинџур“ и во реонскиот парк во Ѓорче Петров.


Општината со нови зелени површини од 3.500 квадратни метри

Општината Ѓорче Петров во соработка со јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ почна проект за реконструкција и подигнување на околу 3.500 квадратни метри зелени површини со систем на полевање капка по капка.
Проектот почна пред неколку дена на улицата Лука Геров, во населеното место Даме Груев, а инвестицијата предвидува буџет од околу три милиони денари. Интензитетот на работа ќе биде одреден според програмата на јавното претпријатие, но и временските услови.
– Пред локалните избори ветив дека ќе ги зачуваме постојните зелени површини и ќе се заложуваме за подигнување нови површини и паркови. Узурпирањето и неконтролираната градба во општината Ѓорче Петров нема да биде случај како што е на други места – вели градоначалникот Александар Наумоски, кој заедно со директорот на ЈП „Паркови и зеленило“ Ардијан Муча го означија почетокот на проектот.
Наумоски повторно апелираше за самосвесност кај граѓаните при фрлањето ѓубре и отпад, бидејќи, како што рече, новите зелени површини треба да се одржуваат.