По верификацијата на договорот што го потпишаа Македонија и Грција, грчките производители ќе имаат рок од три години да одлучат дали своите производи ќе ги декларираат како „мејд ин Маседониа“ или на нив ќе стои „мејд ин Грис“.

Во договорот, како што објасни премиерот Зоран Заев во Стопанската комора на Македонија, дефинирано е правото на неексклузивност по ова прашање.

– Ако не се согласиме и не се договориме по тоа прашање, не значи дека договорот не е валиден – вели Заев.

Според него, ние немаме проблем дали „мејд ин Маседониа“ ќе пишува поради регионот Македонија или поради нашата Македонија, како држава.

– Нема тие аспирации да го земат нашето право. Конечната цел е во рок од три години од верификацијата на договорот да разговараат двете земји, зашто некои од грчките производители можеби ќе сакаат да го користат називот „мејд ин Маседониа“ и тука ни е договорено правото на неексклузивност. Ние немаме проблем дали „мејд ин Маседониа“ ќе пишува поради регионот Македонија или поради нашата Македонија, како држава. Но оставен е период од три години за да им се даде шанса на бизнисите во Грција да имаат своја определба. Ако одлучат на своите производи да имаат „мејд ин Маседониа“, тоа кај нив е дискутабилно, зашто го исклучува „мејд ин Грис“ – објасни Заев.

Грчките производители ќе одлучуваат сами, но тоа ќе биде договорено со согласност и од македонска страна.

– Тие ќе си одлучат сами, но тоа ќе биде договорено секако со наша согласност. Дотогаш никој не го зема нашето право. Ако не се согласиме и не се договориме по тоа прашање, не значи дека не е валиден договорот. Ние си остануваме со потекло „мејд ин Маседониа“ или „произведено во Македонија“, но верувам дека беше важно да им ја дадеме таа можност за три години да се определат производителите во Грција како сакаат да се декларираат – истакна премиерот, образложувајќи го договорот со Грција.