Консултативниот референдум што е распишан мора да биде претходен, а не откако ќе се донесе одлуката како што е во случајот со договорот за името со соседна Грција, објаснува професорот Димитар Апасиев

ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ЗА И ПРОТИВ РЕФЕРЕНДУМОТ

Граѓаните и стручната јавност не знаат каков вид референдум распиша Собранието. Тврдам дека бојкотот е единствениот механизам за самоодбрана во оваа каша-попара од референдум што ни ја приготви власта, рече Димитар Апасиев на трибината „Договорот меѓу Грција и втората страна: Пандорина кутија или излез од лавиринтот“. Тој вели дека консултативниот референдум што е распишан мора да биде претходен, а не откако ќе се донесе одлуката, како што е во случајот со договорот за името со соседна Грција.

– Според временскиот момент, има претходен референдум, односно пред да уредите некое прашање, и дополнителен, откако ќе го решите прашањето. Според толкувањето на Законот за референдум, консултативниот референдум мора да биде само претходен, за претходно консултирање со граѓаните – објасни Апасиев.

Според професорот, актуелната власт со поставувањето на ЕУ во текстот на прашањето си направила дополнителен проблем, кој е поврзан со бројот на граѓаните што ќе гласаат на референдумот и со неговата успешност.

– Дополнителна грешка што е направена е тоа што во членот 120 не постои консултативен референдум за сојузување. Тој референдум мора да биде задолжителен. Тие го третираат НАТО под членот 121, дека тоа не е сојуз туку е меѓународна организација, а за тоа треба само апсолутно мнозинство во парламент. Но со ставањето на ЕУ во прашањето сами си ја искомплицираа ситуацијата, ова по автоматизам го активира членот 120, кој е убиствен за нив во оваа ситуација – посочи Апасиев.

Паралелно со ова, како што вели Апасиев, се менува и бројката на гласови за успешност на референдумот, односно доколку излезат 50 отсто од граѓаните од избирачкиот список, сите мора да гласаат позитивно за да помине референдумот.

– Со активација на членот 120, прашањето на цензусот останува исто, односно 50 отсто од гласовите на излезените гласачи, но од излезените сите мора да гласаат „за“, односно 910 илјади граѓани, бидејќи е апсолутно мнозинство, и според членот се бара мнозинство од запишаните избирачи од избирачкиот список. Тоа значи и да помине референдумот, со 450 илјади гласа „за“ нема одлука. Одлука има само со 910 илјади гласа, а не со толкав одзив – вели Апасиев.

Тој тврди дека Владата правно потфрлила и во текстот на референдумското прашање, бидејќи се поставени три прашања на едно ливче, што, според него, е спротивно на Венецијанската конвенција.