Илустрација/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Кредитирањето на домаќинствата бележи релативно стабилен раст, меѓутоа тој засега не предизвикува загриженост. Поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата се темели врз понискиот ризик што произлегува од овие кредити

Кредитната задолженост на граѓаните со години е во нагорна линија, а очекувањата се дека населението и понатаму ќе продолжи да позајмува од банките. Сепак, експертите и надлежните велат дека има простор да продолжи задолжувањето и доколку постојат ризици, во поглед на презадолженост на граѓаните, ќе се преземат соодветни мерки.

Последните податоци на Народната банка на Република Македонија за задолженоста покажуваат дека граѓаните на банките им должат 162,6 милиони денари заклучно со јуни 2018 година. Најголем дел од долгот на граѓаните е опфатен со потрошувачките кредити, потоа следуваат станбените кредити, па кредитните картички.

– Намалувањето на референтната каматна стапка беше реакција на поволните движења на девизниот пазар, каде што во континуитет, НБРМ откупува девизи. Всушност од почетокот на годината досега, интервенциите на НБРМ на девизниот пазар се клучен фактор за раст на девизните резерви. Ова покажува солидна позиција на билансот на плаќања на земјата и доверба во домашната валута, што остава простор монетарната политика да изгледа порелаксирано, без притоа да се наруши макроекономската стабилност – велат од Народна банка.

Оттаму додаваат дека според досегашното искуство деловните банки ги следат сигналите на НБРМ, па веројатно и сега може да се очекува одредено приспособување на каматната политика на банките на сигналите на централната банка. Но, додаваат дека не може да се очекува приспособувањето да се случи веднаш, односно потребно e извесно време за банките да ги направат соодветните приспособувања во нивните каматни стапки.

– Кредитирањето на домаќинствата бележи релативно стабилен раст, меѓутоа тој засега не предизвикува загриженост. Поголемата склоност на банките за кредитирање на домаќинствата се темели врз понискиот ризик што произлегува од овие кредити, пред сѐ поради поголемата диверзифицираност на кредитното портфолио „на мало“, генерално поедноставните постапки за одобрување на овие кредити односно за оцена на кредитната способност на кредитокорисникот. Од друга страна, повисока е и побарувачката на кредити од страна на домаќинствата, во услови на историски ниски каматни стапки, раст на вработеноста и платите, раст на расположливиот доход, а сѐ уште релативно ниска задолженост на секторот „население“ како целина, иако задолженоста расте и бара внимателно следење. Поголемиот дел од кредитите за домаќинствата се однесуваат на финансирање на потрошувачката, вклучувајќи ги и одобрените дозволени пречекорувања на тековните сметки и кредитните картички. Но, тековно, најбрз раст бележат станбените кредити чие учество во структурата на вкупните кредити одобрени кон домаќинствата на крајот од јуни 2018 година изнесува малку под 30 отсто. Нефункционалните кредити зафаќаат само 2,4 проценти од вкупните кредити на домаќинствата и оваа стапка е ниска и стабилна подолг период наназад – појаснуваат од НБРМ.

Од Народна банка истакнуваат дека внимателно ги следат сите промени во активностите на банкарскиот сектор, а особено растот на кредитирањето на домаќинствата според одделните продукти и секогаш кога ќе оцени дека постои зголемување на ризиците за банкарскиот сектор од овој тип кредитирање или постојат сигнали за евентуално презадолжување на населението, ќе презема соодветни мерки за намалување или ограничување на тие ризици.

– Како резултат на позначајниот раст на долгорочните потрошувачки кредити на населението во период од неколку години, во декември 2015 година, НБРМ ги зголеми капиталните барања за сите нови потрошувачки кредити со договорен рок на достасување еднаков или подолг од осум години, одобрени по 1 јануари 2016 година. Преку поголемиот износ на капитал којшто банките се должни да го одржуваат за овој вид кредити, се ограничуваат потенцијалните ризици од забрзаниот кредитен раст наменет за потрошувачка – велат претставниците на Народна банка.

Поранешниот гувернер Љубе Трпески посочува дека граѓаните во Македонија како корисници на кредит во споредба со земјите во регионот се на дното по задолженоста, поради што има простор и понатаму да се позајмуваат.

– Влијанието на Народна банка врз комерцијалните банки за разлика од развиените земји е послабо, не се очекува тие одма да пристапат кон намалување на каматните стапки на кредитите и депозитите. Стабилноста на банкарскиот систем овозможува да продолжи кредитирањето на населението. Банките внимаваат при давањето кредити, тие им даваат кредити само на сигурни клиенти, се држат до конзервативната политика и имаат најмалку ризични кредити, што ги прави најдобри во регионот – истакнува Трпески.

Професорот од „Американ колеџ“, Марјан Петрески, пак, истакнува дека со оглед на фактот дека трендот на каматните стапки кај кредитите и депозитите е надолен, не очекува некое забрзување на тој надолен тренд поттикнат од намалувањето на каматната стапка на благајничките записи.

– Монетарната политика е релаксирана подолг период, а последното намалување на каматната стапка доаѓа главно како последица на поголемите девизни приливи во економијата. Каматните стапки на депозитите се на најниско ниво, во ситуација кога депозитите и понатаму растат, а во недостиг или недоволна развиеност и несвесност за други форми на штедење. На страна на кредитите, каматната стапка се чини не е најклучна детерминанта, особено кај кредитите кон фирмите. И покрај подобрувањето на условите на кредитирање на фирмите, се забележува „мрзливо“ зголемување на побарувачката за овие кредити, претпоставувам главно поради перцепцијата за ризиците и општата аверзија кон ризици – заклучува Петрески.