Демакедонизација наместо македонизам

Македонизмот, како идеологија, како намера или како движење, без разлика кој го измислил, кој го поткревал или поддржувал, се покажа како најуспешен проект на македонскиот народ во целата негова историја, тоа е златното време за Македонија како држава. Македонизмот ја оживотвори и зацврсти македонската национална свест, ја подигна на највисоко ниво, државно ја конституира, уставно ја дефинира, територијално ја осигури, културно ја воздигна, меѓународно ја афирмира

Точно пред шест години тогашниот грчки претседател Kаролос Папуљас при посетите на Србија, Бугарија и на Албанија, во повеќе наврати изјавувaше дека „сѐ додека Скопје инсистира на идеолошката конструкција наречена ’македонизам’ и на македонизмот како национална идеологија, сѐ дотогаш ќе ги држи вратите на НАТО затворени, а процесот на интеграциите во ЕУ замрзнат“. Изјавите на Папуљас не беа случајни, ниту нови, зашто македонизмот со децении им е трн во око на соседните држави.
Што е македонизмот (македонството) против кого не е запрена војната? Што е неговата суштина, поради која Македонија трпела напади и негирања не само во минатото туку и денес, кога е изложена на сурови влијанија и барања да ја поништи сопствената историја, да го заборави своето минато. И зошто и Грција и Бугарија упорно бараат (и успеваат во барањата) да почне процес на демакедонизација во самата Македонија и таа да биде извршена од самите Македонци, од новата генерација политичари?

По слободна интерпретација, македонизмот е национална концепција во борбата за етнокултурна и државно-политичка еманципација на македонскиот народ како посебен ентитет во словенскиот свет. Се развива во половината на 19 век, како процес за афирмација на посебноста на македонскиот јазик, историја и култура и за обновувањето на Охридската архиепископија како македонска црква. Македонизмот прв јавно го апострофирал бугарскиот културно-научен деец П.Р. Славејков, во 1871 година, како опасност што ѝ се заканува на Бугарија. Од македонска страна прв го прокламира Ѓоргија Пулевски, со јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет. Таканаречените Лозари, учени луѓе околу Крсте Мисирков, а и самиот Мисирков, него го преименуваа во македонски национален сепаратизам. Прашањето за македонизмот беше високо подигнато во идеалите на Народноослободителната војна од комунистите и партизаните. По ослободувањето, Блаже Конески го афирмира македонизмот како посебна струја во националноослободителното движење долго речиси еден век. Конечно и самите Македонци својата национална мисла ја нарекуваат „македонизам“. Накратко објаснето: суштината на македонизмот беше дефинирана во едноставната, проста парола „Ние не сме Бугари, Срби или Грци“.

Бугарите, бугарските историчари, публицисти и политичари го толкуваат македонизмот како движење што жестоко се спротивставува на нивните тврдења дека Македонците се Бугари, а станале Македонци под влијание на кралската српска агентура, на Коминтерната и Тито. Македонизмот, велат тие, е политика на фалсификување и уништување на бугарската историја, тоа е антинационална политика за дебугаризација на населението во Вардарска Македонија. За Грците, македонизмот подразбира иредентизам, кој наводно ги загрозува грчките национални интереси, имајќи во вид што тие сметаат дека постои само една Македонија – на нивната територија и дека народот што живее во „Скопје“ не може да ја носи придавката македонски.
Договорот со Бугарија и спогодбата со Грција што ги потпиша Македонија, во еден голем дел одат во насока на остварување, односно на прифаќање на нивните гледишта за историјата на Македонија. Поточно, почнуваат постепено да го елиминираат, да го погребуваат македонизмот како стогодишна национална стратегија на македонскиот народ, како темел и потпора за негово идентитетско опстојување. Она што не можеа да го направат со децении со разни, главно, тајни и агентурни средства, го прават сега отворено и со македонска политичка поддршка.
Со уставната ревизија што ќе се изврши во сегашното македонско, а утрешно северномакедонско собрание, со параграфите што ќе бидат прифатени, изгласани и спроведувани, експлицитно и недвосмислено ќе бидат елиминирани, сузбивани и спречувани сите видови иредентистичка (македонистичка) реторика и активности, како на јавни така и на приватни тела. Преведено на прост јазик тоа значи дека, според новиот устав, никој не ќе може службено, ниту усно ниту написмено, да го употребува зборот Македонија во гола форма, како сама именка. А никому, барем засега, дури ни на самите учесници во постигнувањето на спогодбата од Нивици, не му е јасно што подразбира и што опфаќа дека тоа ќе важи и за „приватни тела“.

Според спогодбата од Нивици, од нашиот Устав ќе бидат избришани сите иредентистички (македонистички) референци што асоцираат на поимот Македонија. Од преамбулата на сегашниот Устав ќе бидат отстранети дури и индиректните историски референци, што значи во неа не ќе може да стои дека државата е резултат на историското, културното, духовно и државно наследство на македонскиот народ и неговата вековна борба за национална и социјална слобода и за создавање своја држава. Ќе биде избришана Крушевската Република, ќе бидат избришани АСНОМ и уставноправниот континуитет на македонската држава како суверена република во Федеративна Југославија. Ќе биде избришан и поништен референдумот од 1991 година, како и историскиот факт дека Македонија е конституирана како држава на македонскиот народ. Од Уставот и од сите закони ќе бидат избришани и сите епитети на државни и пошироко јавни институции што го носат предзнакот македонски, како и на иселенички/културни организации финансирани од страна на државата. Сите ќе бидат одредени со терминот „Северна Македонија“, со истовремено отстранување на одредницата „Македонија“.

Преку договорот за пријателство со Бугарија, во периодот што следува Бугарите со сите сили ќе настојуваат да ги урнат наводните таканаречени десет лаги на македонизмот, формулирани и објаснети од неодамна починатиот историчар и жесток негатор на македонската нација Божидар Димитров. Не само според него, македонизмот е српска државна идеја, со сила наметната во 1944-та и одржувана со репресии до 1992-та и со многу пари по тој датум. Неговата основна поента, како и на бугарската историска наука и политика, е дека Македонци не постојат, дека биле Бугари насилно одродени од своите браќа. И дека јазикот е дел од бугарскиот јазик.
Меѓу лагите спаѓаат веќе решената дилема за Македонците како антички народ и наследници на Филип и Александар, теза што никогаш не била прифатена од македонската историска наука, но упорно се туркаше како вистинита од страна на ВМРО-ДПМНЕ и од претседателот Ѓорге Иванов. Другата македонска лага била дека Македонците се чисти Словени, а Бугарите биле Татари, а всушност станувало збор за еден народ, за еден корен – бугарски. Бугарските претставници ќе се трудат да ја намалат важноста на светите браќа Кирил и Методиј, на Климент и Наум и другите просветители, да го оспоруваат македонскиот карактер на Самуиловото Царство, како и на значењето на Охридската архиепископија, односно на Македонската православна црква.

Од настаните во 19 и почетокот на 20 век сигурно ќе бараат дефинитивна потврда дека македонските преродбеници од тоа време биле Бугари, дека Крсте Петков Мисирков е Бугарин и дека неговата книга „За македонците работи“ е безвредно дело подготвено во српските кралски кујни. Конечно, многу напор ќе вложат и фашистичката окупација на Македонија од 1941 до 1944 година да се прикаже како ослободителна војна за повторно спојување еден ист народ. На посебен удар ќе бидат и одлуките од АСНОМ, кои ги сметаат за антибугарски.
По она што може да се предвиди, набргу на удар ќе се најде македонската историска и лингвистичка наука. Огромниот број трудови ќе бидат негирани, омаловажувани, прогласувани за неуки, нивните автори ќе бидат обвинувани за необјективност, политизираност, ќе им се лепат етикети дека биле просрпски, коминтерновски, титоистички, комунистички и слично. Ќе се тврди дека македонските историчари, лингвисти, етнографи, географи, мемоаристи, публицисти и други автори ги прегазило времето и дека нивните дела се за на буниште. Ако и таму се најде место. Дека македонската историографија, генерално гледано, е една „несреќна историографија“ вештачки создавана за потребите на непостојниот македонизам, односно за непостојниот народ.

Што било да се мисли, што било да се каже, што било ново да се измислува, историски факт е дека македонизмот живее стотина години, дека во него како национална идеја се вградени многу дејци и животи, дека својот расцут го доживеа по обновувањето на македонската државност во 1944 година, со одлуките на АСНОМ. Македонизмот, како идеологија, како намера или како движење, без разлика кој го измислил, кој го поткревал или поддржувал, се покажа како најуспешен проект на македонскиот народ во целата негова историја, тоа е златното време за Македонија како држава. Македонизмот ја оживотвори и зацврсти македонската национална свест, ја подигна на највисоко ниво, државно ја конституира, уставно ја дефинира, територијално ја осигури, културно ја воздигна, меѓународно ја афирмира. Македонскиот народ е реалност во денешниот свет и никој однадвор не може да го смени тоа, освен ако Македонците сами не го направат тоа, со започнатата демакедонизација за сметка на идната европеизација.
Вртењето нова страница, со кинење на старите, претходните, создавањето на новата држава и новиот идентитет на Македонците што се планира како долг процес, е нова политичка доктрина, нова политичка стратегија на македонската владејачка политика, што во голема мера отскокнува од досегашната што се потпираше на македонизмот. Македонството како проект најверојатно ја одигра својата улога и не соодветствува на новото време, на новите идеали, пред сѐ државотворни, а не национални. Но, сепак, од него може многу да се учи и научи.