Очекувам шефовите на држави и на влади да се договорат за пристапни преговори, потоа ќе можеме да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка, доколку договорот се финализира. Финализирање значи целосна ратификација, референдум и позитивно гласање. Ако се случи тоа, оптимист сум, повтори Столтенберг

Првите точки од договорот во Нивици, потпишан на 17 јуни, годинава, меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, веќе се спроведуваат со забрзана динамика, во желба да се достигнат роковите земјава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ, како и покана за влез во НАТО. За таа цел, минатата седмица во Собранието на РМ беше ратификуван договорот, со 69 пратенички гласа. Иако Законот за ратификација не е потпишан од претседателот на Р. Македонија, Ѓорге Иванов (кој е категоричен на ставот дека воопшто нема да го потпише), се чини дека самото изгласување беше доволен сигнал да се испрати известување до „првата страна“ од договорот, да го преземе својот дел од обврските. Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас, неколку дена изјавува дека „само што не ги предал писмата“ во Брисел до ЕУ и до НАТО, со кои грчката страна го отстранува нејзиното вето за евроатлантските аспирации на Македонија, која тој веќе ја нарекува Република Северна Македонија. Сепак, неизвесноста за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ ја одржува францускиот претседател Емануел Макрон, кој сѐ уште не се изјаснува дали отстапките што ги направи Македонија (кон Грција) се доволни за тој да направи отстапки од неговиот план за непроширување на ЕУ до 2025, па дури и 2030 година. Од друга страна, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ги прецизираше условите за Македонија да добие покана за НАТО. Доколку не успее референдумот, тој не гледа како би можело да се покани земјата на биде членка.
– Очекувам шефовите на држави и на влади да се договорат за пристапни преговори, потоа ќе можеме да ја поканиме ПЈР Македонија да стане полноправна членка, доколку договорот се финализира. Финализирање значи целосна ратификација, референдум и позитивно гласање. Ако се случи тоа, оптимист сум – повтори Столтенберг.
Столтенберг рече дека доколку договорот за промена на името не помине на референдум, тешко дека Македонија ќе добие покана за НАТО.
– Ако ПЈРМ го имплементира и го финализира договорот со позитивно гласање, тогаш НАТО ќе ја покани земјата да стане полноправна членка. Ова е историски договор што ѝ нуди историска можност на ПЈРМ да стане членка и ги повикувам луѓето во земјата да ја зграпчат оваа можност и да го поддржат договорот. Ако не се поддржи договорот, не гледам како е можно да се покани земјата. Ова е единствена можност и треба да се зграпчи – рече Столтенберг.

Она што ќе беше коректно – ќе беше веднаш, што поскоро, со определени рокови, а најдобро во истиот момент откако ќе стапи во сила договорот, по автоматизам да станеме членка и на НАТО и на ЕУ. Но ова всушност не менува ништо, со предвидениот момент (тоа е веќе кажано) – влез во ЕУ во 2025, односно во 2030 г. за четирите земји од регионот, меѓу кои спаѓа и Македонија, тоа значи уште 12 години чекање, вели професорот по филозофија и пратеник, Ферид Мухиќ

Накратко, „поплочениот пат“ за Македонија за исполнување на одредбите од договорот од Нивици, не завршува само со прифаќање на новото име Република Северна Македонија. Тоа е само почеток на спроведувањето на политиката на управување со светот според принципот „морковот и стапот“, но наградата е одложена, а казната треба да ја спроведеме веднаш. Ова го истакнува професорот Ферид Мухиќ, кој како независен пратеник (иако во таборот на владејачката коалиција), сепак, не гласаше за ратификација на договорот од Нивици.
– Сега сите граѓани во Македонија се соочуваат со еден многу значаен момент во целата историја на овој народ и на сите народи што живеат овде, во оваа држава, која постои од 1944 година. Ние би требало да сфатиме дека сега ќе се погледнеме во огледало и ќе знаеме кои сме. Револтот против кого било може да се остави настрана некое време или сосема да се заборави на него, и да се соочиме со тоа дека стоиме пред една одлука. Треба да разбереме што сѐ стои зад договорот и откако ќе разбереме, да заклучиме дали ни е попривлечна онаа пријатната работа – морковот, или ни е посилен стравот од стапот. Тоа мора секој во себе да го реши. Во однос на мене, јас како филозоф немам никаква дилема. Од сите мои постапки досега, сум заклучил дека не треба да се раководам ниту од стапот, ниту од морковот, ниту од наградата, ниту од казната, ниту од добивката, ниту од загубата. Дури и од таа одлука што води кон живот или кон смрт, туку само дали е чесна или нечесна, праведна или неправедна. Во таа смисла јас сум на некој начин слободен да постапам така. Но кога би бил т.е. ако бев јас водач на народот, ако јас бев во таа ситуација не ќе имав право на тоа. Јас ја имам таа привилегија како филозоф и како поединец да кажам дека ги игнорирам и морковот и стапот, казната и наградата, користа и штетата, дури животот или смртта… се небитни. Битно е дали е чесно или нечесно! Но во овој контекст народот мора да се собере, да се соземе и да размисли да видиме што се добива со морковот. Морковот не е толку привлечен како што се нуди, бидејќи не ни го даваат веднаш. Она што ќе беше коректно – ќе беше веднаш, што поскоро, со определени рокови, а најдобро во истиот момент откако ќе стапи во сила договорот, по автоматизам да станеме членка и на НАТО и на ЕУ. Но ова всушност не менува ништо, со предвидениот момент (тоа е веќе кажано) – влез во ЕУ во 2025, односно во 2030 година за четирите земји од регионот, меѓу кои спаѓа и Македонија, тоа значи уште 12 години чекање. Тоа нема да биде прекуноќ. Од морковот сепак ќе има нешто. Јас проценувам дека ќе има финансиски инфузии, ќе има проекти, ќе стигнат некои пари за подобрување на животот…, меѓутоа оние главните две придобивки нема да дојдат брзо. Дури и влезот во НАТО ќе оди побавно отколку што ние мислевме. Поканата за НАТО нема да стигне ова лето. Ќе стигне за година до година и пол. Тоа ќе оди по ритамот што ние нема да го почувствуваме. Многу поскоро во тие 12 години ќе ги чувствуваме последиците од потпишувањето на овој договор – вели професорот по филозофија, Ферид Мухиќ.

Фото: Игор Бансколиев

Покрај тоа, професорот Мухиќ смета дека (менувањето на) името на нашата држава нема никаква корелација со исполнувањето на критериумите за влез во ЕУ и во НАТО.
– Не знам како не може да разбереме дека нашето име нема никаква, ни правна ни суштинска (значи ни онаа есенцијална, предметна, а ниту симболичка) нормативна конотација со која ние сме квалификувани или дисквалификувани. Тоа како се викаме и како се определуваме, нема никаква корелација со нашето исполнување на критериумите за влез во ЕУ и во НАТО – констатира професорот и пратеник во Собранието на РМ, Ферид Мухиќ.
На крајот, Мухиќ смета дека зад Преспанскиот договор се подготвува некоја посериозна интервенција во прекројување на Балканот.
– Ако некогаш влеземе во ЕУ и во НАТО, нема повеќе да бидеме Република Македонија ниту Македонци, ниту она што сме биле досега. Значи целосно е сменет нашиот идентитет. Се плашам дека целата идеја оди и подалеку од ова, само симболичко разнебитување, и дека во едно скоро време се подготвува можеби и една посериозна интервенција во прекројувањето на Балканот – вели Ферид Мухиќ.