Договорот од Нивици низ диоптријата на бизнисмените

Според зборовите на првиот човек на најголемата бизнис-заедница во Република Македонија, Бранко Азески, и досега Грција ѝ беше втор трговски партнер на Македонија и трет инвеститор, што укажува дека досегашната состојба не направила штета. Азески истакна дека битен аспект е пристаништето во Солун, за кое македонската економија нема алтернатива

Она што секоја влада на Република Македонија како мантра го повторува сублимирајќи ги целите на своите економски политики и секоја влада на свој начин и преку свои модели се обидува да го оствари како значаен исчекор на државата се: растот на економијата, поголеми инвестиции, повеќе инвеститори, динамизирање на вработувањата, поврзување на компаниите во регионот и во Европа, продлабочување на економската соработка…
Поаѓајќи од договорот потпишан во Нивици, разговаравме со претставници на бизнис-заедницата за нивните ставови во врска со одредени точки во договорот и потенцијалните импликации на стопанскиот и на вкупниот економски амбиент во Македонија, низ диоптријата на реалната економија и трговија помеѓу Македонија и Грција, во регионот и пошироко.
Имено, во таквиот контекст, првиот човек на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека од гледна точка на македонската економија каде што има многу напластени проблеми, какво било поместување од мртва точка, односно откочување на застојот отвора поголеми перспективи.

– Проблемите можеби нема веднаш да се решат, но ќе се создаде амбиент што е многу битен за нас. Ако може премиерот да каже дека во наредниот период ќе се подобрат односите со Грција, тоа е многу сериозен сигнал за економијата да се насочи на тој пазар. Ние бараме предвидливост, тоа е првиот услов за бизнис и за зголемување на размената. Со релаксирање на односите на Балканот ќе имаме предвидливост. Веројатно ќе се потпишат и многу значајни документи што не беа потпишани досега поради ова прашање, како што се договорите за избегнување на двојното оданочување и за заштита на инвестициите, кои се многу значајни за развој на бизнисот – појасни Азески.

Тој потсети дека Грција ѝ е втор трговски партнер на Македонија и трет инвеститор, што укажува дека досегашната состојба не направила штета. Азески истакна дека битен аспект е пристаништето во Солун, за кое македонската економија нема алтернатива.

– Најбитно е ние да ги засукаме ракавите и да ја искористиме можноста што сега ни се отвора. Ако немаме конкурентни производи, стоки, шансата ќе се пропушти. Седумдесет отсто од нашите стоки се извезуваат на западноевропскиот пазар, кој е најпребирлив, но успеваме да се носиме со конкуренцијата, а тоа треба да е дополнителен мотив, да работиме уште повеќе и да ја искористиме новата шанса – заклучи Азески.

Претседателот на Советот на странски инвеститори на Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, како прагматичен европски бизнисмен со акумулирано искуство издвојува дека ниеден бизнис не може да функционира сам по себе, како изолиран остров и без интеракција најпрвин со првите соседи, а потоа и пошироко. Тој смета дека ЕУ по договорот ќе направи сѐ за странските инвеститори да ги донесе и да ги интегрира во македонското општество.

– Јас сум европски бизнисмен и јасни ми се придобивките од тоа што Македонија ќе биде интегрирана во ЕУ. Минатиот викенд се покажа дека Македонија не е остров и дека е во интеракција со своите соседи. Истото тоа важи и за странските инвеститори во Македонија, тие не се остров. Странските инвеститори се интегрираат себеси во македонското општество – истакна Петер.

Професорот Зоран Ивановски по потпишувањето на договорот во Нивици регистрирал и раздвижувања на македонската берза без компаниите да преземат посебни мерки или ангажман во тој контекст.

– Веќе имаме позитивен раст на вредностите на акциите на компаниите, кои котираат на берзите, расте вредноста на капиталот без компаниите да направат нешто поради очекувањата за влез во НАТО. Дополнително уште поголеми придобивки ќе имаме со самото владеење на правото, со стабилизацијата на регионот – забележува професорот Ивановски.

Некогашниот прв човек на Стопанската комора на северозападна Македонија, Мендерес Кучи, истакна дека ако потпишувањето на договорот значи брзо интегрирање во НАТО и во ЕУ, тоа ќе значи поголема предвидливост, стабилност за инвеститорите и за инвестициите, и потенцијална поголема трговска размена што би ни го овозможило асоцирањето во глобалните системи.

– Штом се отвораат можности за пристап кон долго очекуваното членство во ЕУ и во НАТО, тоа ќе значи стабилност за нас и сигурност за инвеститорите. Со стабилноста, која досега беше покревка поради прашањето за името, се создава можност за продлабочување и раст на економската соработка. Според мене, за нас ова ќе биде голема придобивка – вели Кучи.

Тој додава дека одредени обврски што се наметнуваат со договорот, како промена на трговската марка, и други, ќе треба да се надминат.


Анѓушев: Решавањето на спорот за името има економски бенефиции

Идните генерации треба да ги видат економските бенефиции од договорот со Грција. Без разлика на трошоците што ќе настанат од имплементацијата на овој договор, придобивките се многу големи, истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Според него, прашањето за името е од сферата на надворешната политика, но е и економско зашто сите инвеститори кога доаѓаат во некоја држава прашуваат колку истата таа е стабилна и дали во неа има владеење на правото.

– Економските бенефиции од договорот со Грција и од решението на овој проблем или прашање за нашите идни генерации ќе бидат неспоредливо повисоки од кој било трошок што би настанал за имплементација на овој договор – истакна Анѓушев.
Негова оцена е дека за институциите, во кои ќе треба да се изменат одредени документи, најверојатно нема да има трошоци.

– Тоа е оставено да биде во еден временски период паралелно со преговорите за членство во ЕУ. Во тој период, секако, ќе мора да се менуваат документи или материјали што ќе предизвикаат трошоци – објасни вицепремиерот.

Анѓушев подвлече дека по влегувањето во НАТО и во ЕУ, земјите од соседството имаа сериозни позитивни финансиски импликации со зголемување на странските инвестиции, отворање на европските фондови, полесен пристап до фондовите…