Денес Министерот за транспорт и врски Владо Сугарески, престојуваше на автопатот во изградба Кичево-Охрид, а ги посети и тунелите кај село Попоец. По разгледувањето на самиот терен и разговорите со надзорот, министерот беше детално информиран за состојбите на терен.

-Денеска сум во обиколка на целата траса на автопатот Кичево Охрид. Надзорот ме информираше за градежните активности што се одвиваат на терен. Мора да признаам дека имаше забавување на работите бидејќи наследивме огромни проблеми со проектите и слабата реализација во изградбата на компаниите: Синохидро, Трансмет и останатите , кои се вклучени во изградбата на автопатот-рече Сугаревски.

Сите проблеми што ги наследивме на автопатот Кичево- Охрид и автопатот Миладиновци Штип, беа реална причина да има забавување на терен, што силно влијаеше врз намалување на стапката на раст на градежништвото и генерално врз БДП-истакна Министерот Сугарески и најави дека проблемите на терен почнаа да се решаваат а тоа ќе придонесе со што позасилено темпо да се одвиваат работите и со планираната динамика да се одвива изградбата на патот.

-Мора да истакнам дека на терен започнавме да ги решаваме сите наследени проблеми, градежните работи почнаа да се одвиваат позасилено , компаниите ја активираа својата механизација, не само на автопатиштата туку и на останатите патни правци каде што започнавме со реконструкција низ целата наша земја. И на крајот Сугарески целосно се наврати на изградбата на автопатот Кичево Охрид и најави дека истиот ќе биде завршен во планираниот рок.

-Во однос на овој автопат градежните работи започнуваат да ја добиваат очекуваната динамика, што ќе придонесе да се испочитува рокот на завршување во 2021 година. Слабата реализација на овој проект беше резултат на катастрофалните грешки на проектите, а за тоа ќе биде потребно повеќе време и пари. Изградба на осум клучки кои претходно не биле предвидени во овој проект мора да се изградат, бидејќи имаме населени места кои никкао не можат да се вклучат на автопатот. Исто така во проектот не се предвидени ниту 40км. алтернативни патишта до населените места, каде мора да има нормално одвивање на животот на граѓаните. Изградбата на тунелите создава проблеми, бидејќи е направена лоша проценка на категоријата на земјиштето што бара дополнителни материјали за заштита и потпора при ископ, а тоа доведува и до забавување на работите. И на крај би додал дека ќе бидат ископани дополнителни 8 милиони метри кубни земја, се со цел да се направи стабилизација на свлечиштата и усеците кои со проектот имале големи косини. Ова е повеќе од неопходно за да се зголеми безбедноста од појава на свлечишта-заврши Сугарески.

З.А.