Дали „илинденска Македонија“ беше измама за ерга омнес? (1)

Старо правило е дека во секој хаос има и строго контролиран ред, кој води кон целта што треба да се постигне. Иако и Шекеринска ни порача дека ерга омнес, подарен на Грција со „илинденска“, важи само за тој (бесмислен) предлог, мора да се запрашаме дали е баш така. Спомнатата веќе нѐ потценуваше кога ветуваше дека за шест месеци ќе нѐ внесе во НАТО и ова не би требало да биде ништо ново. Значи, според најновите информации (од 29 мај 2018 г.), во Брисел е постигнат некаков нов договор, со наше ново име, кое никако не може да биде без севкупна употреба. Ако е така, а така изгледа, не беше ли „илинденска“ тогаш само пробен балон за да се наметне ерга омнес како неизбежно решение? Во ТВ-дуелот, Заев го праша Мицкоски: „А што имаш ти против ’илинденска Македонија’“? Одговор не доби ама поентата е одлична – кој има нешто против „илинденска Македонија“.

Во прашање е опасна игра, која треба да нѐ залаже. Илинден е нашиот национален мит ама никако не може и не треба да биде и име на државата и затоа власта нѐ фаќа во замка и нѐ прави недоквакани. Пораката е: ако со него може ерга омнес, зошто со друго име да не може? Мразот е скршен. А нашиве „патриоти“, кои ја распродаваат земјава, тврдат дека ја матирале Грција. Пред целиот народ, и без никакви скрупули, Заев му рече на Мицкоски дека, преку овој предлог, Грција првпат прифатила постоење македонски народ и јазик. Поголема лага, здравје. А Грција веднаш ја одби „илинденска“ со презир и го прифати само делот за ерга омнес. Според самиот Заев, предлогот не го прифатил ниту Ципрас. Тој се сложил само да го пренесе во Атина. Заев кажа дека – „една опција е отворена за двете страни“. Тогаш, кој, каде и како од грчка страна прифатил дека ние сме Македонци и дека имаме и таков јазик? Одговорот е – никој и никаде. Такво нешто нема да се случи ниту сега ниту (најмалку!) во следните 50 години. Тогаш, најверојатно, нема да имаат и кого да прифаќаат. Ако вака продолжи Заев, бргу ќе нѐ снема од листата на народи.
Времето ќе открие дали „илинденска“ беше само трик да се дојде до ерга омнес. Ако е така, тие што го уништуваат македонскиот народ ќе бидат уште пожестоко казнети.
Самиот предлог, името на државата да биде „илинденска Македонија“ ги збуни сите освен – Грците. Ако не е во прашање свесна, дури и договорена манипулација, Коѕијас и Ципрас ги пренесоа жедни преку вода нашите преговарачи на крајно препреден, максимално професионален ама и целосно нечесен начин. Тогаш, со оваа бесмисленост, Димитров и Заев излегоа аматери и неверојатно наивни.
Прво и основно, не се излегува со нов предлог и со ерга омнес, без длабинска анализа и согледување на сите последици што следуваат. Такво нешто во случајов – немало.

Второ и клучно, во дипломатијата има непишано ама стриктно правило дека еднаш дадена концесија или отстапка останува на маса додека проблемот не се реши. Овој принцип ги обврзува сите, без оглед дали го знаат тоа или не. Токму затоа, сите одговорни користат странски експерти во вакви случаи. Овој проблеми е од огромно значење за земјата, уникатен е, премногу е сложен и комплициран, а вклучува и главни меѓународни фактори, кои отворено работат против интересите на Македонија. Со оглед дека нашите дипломатски капацитети се скромни, таквата потреба е пренагласена. Нашиот директен противник, пак, има дипломатија со големо искуство, а сигурно користат и врвни странски советници. И Вашингтон, Брисел, Берлин… се со нив.
Трето и многу важно е што при решавање проблеми што долго биле нерешени, и не само при такви, во никој случај не смее да се покажува некакво брзање. Те видат ли дека немаш време, барањата на другата страна неконтролирано се зголемуваат. Токму таква грешка прави сега Македонија.

На Коѕијас и на Ципрас веднаш им било јасно дека „Илинденска Македонија“ е апсолутно неприфатлива. Ќе прашате – а зошто тогаш не го одбиле? Одговорот е прост – нема паметен политичар што ќе одбие златна кокошка: Македонија првпат прифати ерга омнес на што Грција инсистира од самиот почеток на спорот. Тоа е придобивка за која не смееле ни да сонуваат. Така е кога преговараат аматери со експерти. Вторите ги возат првите додека тие гордо мавтаат лево и десно без да бидат свесни каде ги носат. Грците триумфално го прифатија безумниот подарок за ерга омнес, а самото име го одбија со индигнација и Македонија е доведена во безизлезна ситуација.
За разлика од нас, Грците го водат целиот овој процес без никаква грешка. На почетокот го изолираа Нимиц и медијацијата ја претворија во директни преговори, што не смеевме да прифатиме по никоја цена. Потоа, Нимиц го вклучуваа одвреме-навреме, кога ќе им затребаше за да ги верифицираат и зацементираат своите придобивки. Резултатите за нас се стравотни: прифатена е суштинска промена на името, со географска одредница пред Македонија, а веднаш потоа е дадена согласност и за ерга омнес. Се разбира, сега е Нимиц повторно во игра. Се официјализира нашата нова и целосно девалвирана позиција во спорот.

Предлогот „илинденска“ беше надвор од умот. Уште од почетокот, Грците иредентизмот го гледаа во преамбулата на нашиот Устав бидејќи се повикува на Крушевската Република и на АСНОМ, а тоа се токму двата илиндена. Андонис Самарас, против признавањето на Македонија, на 17 јануари 1992 година, им испраќа опширно писмо на колегите министри за надворешни работи на членките на ЕЗ, во кое пишува: „Македонското прашање се реактивира кога во 1945 година маршалот Тито ја воспостави ’Народна Република Македонија’… како јадрото – или пиемонтот – за анектирање на соседните македонски провинции на Грција и Бугарија“; „Како што знаете, преамбулата на Уставот на Скопје вели дека новата Република почива на ’државотворните – правни традиции на Крушевската Република’ (1903) и на историски одлуки на АСНОМ, донесени во 1944 г. Дозволете ми да објаснам – Настаните од 1903 и од 1944 го истакнаа обидот на Словените од Македонија да воспостават соодветна автономија или некаква независна македонска држава. Држава, која би ја апсорбирала цела Македонија, вклучувајќи ги и македонските провинции на Грција, Бугарија и Албанија“; „… а асномскиот комунистичко-титоистички манифест од 1944 г., објавен, исто така на 2 август од симболички причини, го прокламираше ’праведното и исклучиво право на ОБЕДИНУВАЊЕ на сиот македонски народ со правото на самоопределување’“.

По еден месец, на 17 февруари 1992 година, скоро истиот текст Самарас го „изрецитира“ и на министерски состанок на ЕЗ, во Лисабон. Ова никако не беа негови лични ставови туку официјална грчка политика, која до денес не е променета. Овие настапи на Самарас беа подготовка за срамната т.н. Лисабонска декларација, од јуни 1992 година, со која ни се забрануваше користење на зборот „Македонија“.
Тоа е грчката страна на медалот.

(Продолжува…)

(Ристо Никовски, поранешен амбасадор)