Велосипедистите користат кетони, кои се дозволени супстанции, но еден од тимовите што не ги користи вели дека нема ефект од нивната употреба

Употребата на кетонскиот „чудесен пијалак“ е една од централните теми на годинашниот Тур де Франс. Тимот Џамбо-Визма, чии велосипедисти победија на четири етапи, потврди дека тие користеле кетони, диететски додаток во исхраната, кој наводно помага во подобрувањето на издржливоста на возачите, пишува специјализираниот интернет-сајт за велосипедизам, „Сајклинг викли“.

Ричард Плуге, шефот на тимот Џамбо-Визма истакнува дека супстанцијата што се користи како и другите витамини, не е на забранетата листа, и оти ја користат и другите тимови. Лани седум од 22-та тима признале дека имале корист од употребата на таа супстанција.

Кетоните не се на листата на забранети супстанции на Светската антидопинг-агенција (ВАДА) и се употребуваат на тој начин што возачите ги мешаат со нивните пијалаци. Џамбо-Визма за холандскиот весник „Де телеграф“ потврди дека употребува кетони, а весникот објави и студија во која се истакнува дека супстанцијата може да ги подобри перформансите на корисникот. Тестот го направил професорот Питер Хеспел на лицата што го користеле при возење на мини-трката Тур де Франс.

Професорот Питер ван Ено, директорот на ВАДА-лабораторијата во Гент, Белгија, која е задолжена да известува за евентуално користење допинг, вели дека нема ништо лошо во користењето кетони, кои природно ги создава црниот дроб.
– Таа супстанција не е на листата на допинг, бидејќи истрагата околу несаканите ефекти уште е во тек. Сѐ додека негативните ефекти не можат веднаш да се демонстрираат, таа нема да биде на листата за допинг – вели Ено.
Но еден од тимовите што не користи кетони, Санвеб, вели дека нема ефект од нивната употреба.

– Сметаме дека треба да има повеќе јасност за ефектите на овој лек врз здравјето на спортистот на долг рок. Освен тоа, има многу нејаснотии околу ефикасноста. Има дури и студии, кои покажуваат дека има негативен ефект врз перформансите, и оти е добар само за закрепнување. Сакаме да бидеме сигурни дека нема да им наштетиме на нашите возачи – вели докторот на германскиот тим, Анко Боленс.