Тој треба да потпише нов шестгодишен договор со Манчестер јунајтед вреден околу 117 милиони фунти (130 милиони евра), а неделно ќе заработува околу 375.000 фунти (416.800 евра)

Иако не станува збор за класичен трансфер, односно за промена на клуб, со потпишувањето на новиот, шестгодишен договор со Манчестер јунајтед вреден околу 130 милиони евра, Шпанецот Давид Де Хеа (28) ќе стане најплатениот голман на светот, објави британскиот „Телеграф“. Неделната плата на Де Хеа ќе изнесува околу 416.800 евра.

Два фактора биле битни при постигнувањето на договорот што Де Хеа треба да го потпише по завршувањето на клупската турнеја во Австралија, Сингапур и во Кина. Првиот фактор, јасно, е „понудата што не се одбива“ и подготвеноста на Јунајтед да го направи најплатен играч на клубот, по Чилеанецот, Алексис Санчез. Вториот фактор што влијаел на одлуката на Де Хеа била поддршката од новиот менаџер Оле Гунар Солскјаер и од тренерскиот персонал во клубот по лошата ланска сезона, во која Манчестер јунајтед заврши на шестото место во Премиер лигата, со 32 бода заостанување зад шампионот, градскиот ривал Манчестер сити.

Со овој трансфер, Де Хеа ќе ги надмине ланските голмански рекорди на Челси, кој трансферот на Кепа Аризабалага од Атлетик го чинеше 80 милиони евра, и на Ливерпул, кој за Алисон Бекер на Рома ѝ плати 72,3 милиони евра. Лани летото се случи и третиот најскап голмански трансфер на Тибо Куртоа од Челси во Реал, за 39 милиони евра. Потоа на листата од 10 најскапи трансфери на голмани на сите времиња се следните: Едерсон, кој прејде во Манчестер сити од Бенфика пред две години (38,6 милиони), Џанлуиџи Буфон од Парма во Јувентус, во 2001-та (36,2), Џордан Пикфорд од Сандерленд во Евертон со 2017-та (27,8), Франческо Толдо од Фиорентина во Милан во 2001-та (26,5), Бернд Лено од Баерн во Арсенал во 2018-та (21,4), Мануел Ноер од Шалке во Баерн во 2011-та (21,2) и Давид Де Хеа од Атлетико во Манчестер јунајтед во 2011 година (21 милион евра).