Велика Британија соопшти дека заедно со европските сојузници ќе формира мисија на поморска заштита во Ормутскиот Теснец, по иранската заплена на танкерот „Стена Имперо“ кој пловеше под британско знаме во овој стратешки премин.

Шефот на британската дипломатија, Џереми Хант, оцени дека иранската заплена на танкерот и 23-члениот екипаж претставува чин на државно пиратство.

Хант не изнесе детали за новата мисија, но рече дека Велика Британија ќе преземе соодветна акција да го поддржи безбедносниот премин на бродовите низ Ормутскиот Теснец.

Тој се огради дека британските потези се дел од политиката на САД за максимален притисок врз Иран, бидејќи европските земји и понатаму го почитуваат меѓународниот нуклеарен договор со Иран од 2015 година.

Силите на Револуционерната гарда го пресретнаа танкерот во петокот и го запленија бродот заедно со екипажот.

Иран соопшти дека потегот е одговор на инцидентот од 4 јули кога британската морнарица помогнала да се заплени ирански нафтен танкер. Велика Британија ги отфрла поврзувањата на двата случаи и наведува дека заплената на иранскиот танкер била легална, бидејќи постоел сомнеж бродот да планира прекршување на санкциите на ЕУ кои се однедуваат на забраната за испорака на нафта во Сирија.