Големата изложба има цел да ги прикаже ориентализмот во поинаква светлина и неговото наследство денес

Една уметничка традиција, која честопати се отфрла како резултат на мрзливите стереотипи за Истокот, како што се надева Британскиот музеј, наскоро ќе биде видена во поинаква светлина, благодарение на голема изложба, која истражува како западните уметници биле инспирирани од исламскиот свет. Музејот објави детали за оваа изложба, која ќе ја покаже традицијата на ориентализмот во неговото јадро. Овој термин најчесто асоцира на слики работени во маслена техника од 19 век насликани од страна на колонијалистичките уметници, кои прикажуваат верзија на животот на Блискиот Исток, која речиси и да не постоела. Но, за Оливија Трелкелд, кокураторка на изложбата, „ориентализмот беше еден од дефинирачките елементи на 19 и 20 век, споредливи со други ’изми‘, како надреализмот и импресионизмот“.

Изложбата ќе се одржува во соработка со Музејот на исламската уметност на Малезија во Куала Лумпур, кој позајмува околу половина од изложените дела за неа, а голем број од нив првпат и ќе се прикажат надвор од Малезија. Таа ќе потврди дека некои ориенталистички дела од 19 век ги замаглуваат линиите меѓу фантазијата и реалноста, покажувајќи стереотипно гледиште за Истокот, без разлика дали тоа е варварско однесување или сцени со луѓе што седат и пијат кафе без грижа и без работа. Но постои многу подолга и побогата историја што треба да се истражи, велат кураторите. Изложбата започнува со потеклото на ориентализмот во 1500-тите и ги прикажува западните слики од османлиските султани од 16 век. Ќе бидат прикажани важни дела од некои од водечките сликари на ориенталистите од 19 век, како што се Евгени Делакроа, Џон Фредерик Луис и Фредерик Артур Бридман.

Колекциите на подоцнежните дела на изложбата ќе ги содржат оригиналните илустрации на британскиот уметник Едмунд Дулак за изданието од 1907 година „Арапски ноќи“. Но не е само визуелната уметност во прашање: кураторите ветуваат експонати за истражување на фотографијата, театарот, стаклото, накитот, музиката, облеката и керамиката. Хартвиг Фишер, директорот на Британскиот музеј, вели дека уметничките врски во текот на пет века „влијаеле на зачудувачката разновидност на материјалната култура. Оваа голема изложба ќе покаже колку била голема и трајна културна размена помеѓу Западот и исламскиот свет“.

Изложбата ќе заврши со четири современи реакции на сликата за ориентализмот од страна на северноафрикански и блискоисточни женски уметници, вклучувајќи го и „Харем“, видеоматеријалот од 2009 година од Инчи Евинер.
Трелкелд вели дека ориентализмот денес во голема мера е незаслужено заборавен надвор од академските кругови.

– Ова ќе биде ретка можност во Велика Британија да се видат важни уметнички дела од најголемиот музеј на Југоисточна Азија посветени на исламската уметност и да се размислува за влијанието на ориентализмот врз историјата на уметноста и неговото наследство денес – вели таа.