Фото: Дарко Андоновски

Со пласманот во полуфиналето во двојки на турнирот во Унгарија македонската тенисерка ја продолжи серијата високи пласмани на турнирите летово (има и три титули), по што од денеска може да биде околу 330-то место

Лина Ѓорческа играше во полуфиналето во игра на двојки на турнирот во Баја (Унгарија), на земјена подлога, за награден фонд од 25.000 долари и освои нови поени за ранг-листата на ВТА за двојки, што може да ѝ донесе голем напредок на денешната листа.

Најдобрата македонска тенисерка во моментов и Вивиен Јухазова (Словачка) загубија од првите носителки на турнирот со 2-0 во сетови (6-4 и 6-3), кои подоцна загубија во финалето.

Таа во минатите два месеца победи на неколку турнири во двојки, како на пример во Шпанија, исто така, со награден фонд од 25.000 долари, со Русинката Анастасија Комардина, со која победија и во финалето на 15 јуни на турнирот во Белорусија и на 1 јуни на турнирот во Германија. Двете тенисерки настапија и во уште две финалиња.
Ѓорческа во кариерата има 39 титули во двојки (има и уште 20 други финалиња), а досега освои и девет трофеи во поединечна конкуренција. Најдобриот пласман на Ѓорческа на ВТА-листата е 170-то место (на листата од минатата недела беше на 381-то место), а во двојки на 116-та позиција (минатиот понеделник беше 410-та).

Според специјализираните интернет-страници за пресметка на можниот пласман на ВТА-листата, Ѓорческа од неделава треба одново да биде околу 380-то место во поединечна конкуренција, но можен е скок помеѓу 330-та и 340-та позиција во игра на двојки.