Во првите години на 21 век се споија патиштата на спортот и на дата-аналитиката, а во 2006 година, „Опта спортс“ почна да снима речиси сѐ на мечевите во англиската фудбалска Премиер-лига. Потоа следуваше вклучување на системот „Очекувани голови“, па техниката наречена „Духови“…, а со сето тоа комплетно се изменети начините на избор на засилувања, тренинзи, пристап кон играта и многу други аспекти на спортот. Во Македонија се користат новите технологии во повеќе спортови

Ласте Димитриевски
Тања Димитриоска

Технологијата одигра една од клучните улоги во модернизацијата на фудбалот, иако некои велеа дека тоа е невозможно во тој спорт, бидејќи е непредвидлив, па и хаотичен. Но со оглед на долгата историја на фудбалот и големото количество насобрани податоци можно е да се добијат доста валидни информации. Овие податоци не се едноставни статистички податоци претставени со табели и графикони, туку вклучуваат формати како видеа, слики, мислења од социјалните медиуми итн.

Бројките не се ништо ново во спортот. Со децении коментаторите подготвуваа статистики речиси за сѐ. Но во текот на минатата деценија се појавија повеќе научни податоци, кои придонесоа не само за подобрување на резултатите на тимовите туку и за начинот на кој тие ги трошат парите при ангажирањето млади таленти.
– Порано слушавме дека фудбалот е премногу комплексен и преслободен за да се применуваат анализирани податоци, но тоа денес е минато – вели Тед Кнутсон, коосновач и главен извршен директор на „Статс-Бомб“, една од врвните фудбалски аналитички компании.

Во 2006 година, „Опта спортс“ почна да снима речиси сѐ на мечевите во англиската Премиер-лига, од шут, додавање, прекршок, дриблинг, корнер, па до аут итн. Денеска секој натпревар содржи околу 2.000 податоци.
Потоа следуваше вклучување на „очекуваните голови“, систем за пресметување на веројатноста за постигнување гол по секој удар, врз основа на растојанието и аголот од голот. Тој концепт стана општо познат во 2017 година, кога на големо почна да се употребува во директните преноси на „Би-би-си“, во емисијата „Меч на денот“.
Но најголемото влијание од овој ненадеен наплив на податоци е при ангажирањето на играчите и нивното задржување. Клубовите сега можат да изработат листа на играчи, чија статистика се совпаѓа со профилот на она што им е потребно. Клупските скаути можат да ги проценат избраните играчи преку видеоснимките, плус и во живо, притоа заштедувајќи време и пари.

– Секако, користиме разни статистички податоци при анализата на игрите на Македонија, на индивидуално и на тимско ниво, како и на нашите противници, со помош на „ИнСтат“. Станува збор за видеоснимки и за други методи преку кои се забележани точните или погрешните додавања, во кои зони, движењето во просторот, поставеноста на играчите на теренот, направените прекршоци и многу други, на око ситни детали, кои понекогаш можат да бидат решавачки. Искуствата се повеќе од позитивни, во секој поглед, како за нас во стручниот штаб, така и за фудбалерите – вели селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски.

Клубовите можат да ги користат и податоците на компанијата за процена на таленти, „21Клуб“ за да видат дали некој играч ќе ги засили, ќе ги ослабне или ќе направи мала разлика, и дали ќе влијае врз резултатите. Лани „21Клуб“ ја искористил алатката за да идентификува потенцијален нов играч за клуб во Источна Европа. Тој фудбалер заработувал 25 отсто помалку од просечниот по заработка на листата од 20 играчи.
Моделот за вреднување оценил дека играчот е подобар од 19 на таа листа. Но, важен е и контекстот. Играчот не ја донесува истата одлука кога е на мал простор, опкружен со противници. Затоа „Статс-Бомб“ напоменува дали играчот кога е под притисок шутира на гол или ја додава топката. Тие, исто така, ја евидентираат позицијата на голманите и локацијата на одбранбените играчи, кои се наоѓаат помеѓу играчот и голот кога е упатен ударот.

Според некои показатели, бројот на удари на гол надвор од 16-те метри од сезона на сезона постојано опаѓа, бидејќи статистички било утврдено оти само три отсто од тие удари (околу 4.000), завршуваат во мрежата, иако головите се атрактивни и се паметат.
Софтверски помагала се користат и во други спортови.
– Моите искуства со употребата на современата технологија во одбојката датираат од пред 20 и повеќе години. Прво со репрезентацијата на Македонија, потоа и со Работнички Фершпед. Податоците во прво време ги обработувавме рачно, потоа анализите ги правевме со компјутер, а податоците што ми беа од корист ги добивав и за време на натпреварите, бев поврзан со статистичарот што беше во заднина. Станува збор за многу податоци, од сервис, па правецот и зоната на напад, како и тоа кој играч да се нападне, потоа како да се одбраните, од каде доаѓа опасноста. Се анализираат добрите страни, но и слабостите на противникот, секако и на сопствениот тим. Се користи италијанскиот систем „Дата проџект“, кој содржи голем број видеоснимки и најразлични статистички податоци без кои во денешно време не е можно да се работи во одбојката. Преку таблетот можно е и во реално време, за три до пет секунди, да се добијат информации од помошниците, да се види претходната акција, и веднаш да се реагира најадекватно – вели македонскиот трофеен одбојкарски тренер, Јошко Миленкоски.

Селекторот на машката ракометна репрезентација, Данило Брестовац, вели дека статистичката и видеоанализата на противниците се неизоставен дел од подготовката на тактиката и стратегијата за секој ракометен натпревар.
– Мене како тренер повеќе ми значи и ми помага видеоанализата во споредба со статистиката, бидејќи не секој играч има ист статистички ефект на секој натпревар. Бројчената статистика е важна за формирање првична глобална слика за некој тим или за одреден играч, но, сепак, според мене, противничкиот играч односно тим, може да одигра онолку добро колку што ќе му дозволиш. Затоа е важна видеоанализата, од која можат да се видат неговите движења во дадена ситуација, неговите навики, начинот на кој тргнува за шут, поставувањето во одбрана, дури и однесувањето на тренерите во моменти кога нивниот тим победува или губи. Сите тие показатели ни помагаат во тактичкото поставување на тимската и на индивидуалната игра – вели Брестовац.


Секојдневен тренинг за само 30 посебни секунди од мечот

Со најсовремените алатки, научниците за податоци развиле техника наречена „Духови“, каде што алгоритмите ги предвидуваат најверојатните потези што играчите ќе ги направат во одредени ситуации.
– Идентификувате специфично сценарио за нарушување на играта на противникот, и на пример, период од 30 секунди, кога тој е дезорганизиран. Тоа се тие 30 секунди на кои потоа се фокусирате на тренинзите – вели Пол Пауер, научник во аналитичката компанија „Статс“.


Били Бин

Аналитиката почна со бејзболот

Дата-аналитиката првпат е употребена во американскиот бејзбол, во тимот Окланд атлетикс преку тогашниот менаџер Били Бин на почетокот од 21 век. Бидејќи газдата и тимот во тој период оперирале со помал буџет, Бин со соработниците се решил врз база на аналитички, математички и други статистички показатели да регрутира поевтини играчи и да формира успешен тим. Ваквиот начин на работа набргу го прифатиле и другите клубови.
Слично нешто се применувало и во американската кошаркарска НБА-лига, за последниве години да се прошири и на фудбалот, пред сите, во англиската Премиер-лига. Во САД, две лиги, МЛБ (бејзбол) и НФЛ (американски фудбал) имаат посебни видео и стратегиски оддели за обработка на податоците.


Меси „стоејќи“ прави повеќе простор од соиграч што трча

Во клубовите, техничкиот персонал вели дека новите техники им помагаат на тренерите и на скаутите да работат подобро, побрзо и попаметно.
– Повеќето интересни прашања што ги добиваме од тренерите се нештата што не ги покриваат нашите податоци. Тренерите ни зборуваат и прашуваат како да се создаде, како да се влезе во простор и ние сфативме дека треба да размислуваме како и на кои начини да го разбереме просторот на теренот – вели Хавиер Фернандез, задолжен за дата-аналитиката во Барселона.
Преку анализата на податоците во Барселона било утврдено дека Лионел Меси, стоејќи, шетајќи или џогирајќи, создавал повеќе простор на теренот од кој било соиграч што трчал.


База на податоци за 400.000 фудбалери

Повеќе од 1.500 клуба и национални тимови го користат системот „ИнСтат“ (Интел статистика), кој содржи информации за повеќе од 400.000 фудбалери. Според „ИнСтат“ секој месец во базата на податоци се додаваат повеќе од 6.000 нови видеозаписи. Над 500 луѓе се вработени во дата-центарот каде што се анализира и се документира секој спринт, удар, дриблинг, дуел, пробив и додавање. Податоците се од големо значење во областите како што се анализите на противниците, подготовката за мечевите, работата на скаутите и при регрутирањето нови играчи. Но клубовите можат да ги искористат и при оценувањето на перформансите на своите играчи користејќи сензори на телото. Типичен е елекот „Катапулт спортс“ со вграден „Оптима-Ај С5“, уред што може да собере до 1.000 податоци во секунда. Тој може да ги мери нивоата на подготвеност и на вештини на играчите, да одговори на специфичните техники за тренинзи, за тактички перформанси и за ризикот од повреда.

[email protected]
[email protected]