Месечината и замрзнатиот Балкан

Паралелата меѓу стапнувањето на првиот човек на Месечината и решавањето на косовското прашање, се чини, не е бесмислена. Иако и двете работи изгледаат како невозможна мисија, тие во основа се реални и остварливи

„Ако можеме да испратиме човек на Месечината, сигурно можеме да го пронајдеме патот Белград и Приштина да се најдат на преговарачката маса“, напиша американскиот амбасадор во Белград Кајл Скат, по најавите за обновување на дијалогот меѓу Србија и Косово, кој беше блокиран поради неразумната и еднострана одлука на приштинските власти за воведување високи царини за увоз на српските производи. Оваа реченица, која беше поставена на неговиот профил на Твитер, на најдобар начин ја отсликува состојбата со решавањето на „последниот“ јазол на Балканот, а тоа е признавањето на независноста на Косово од страна на официјален Белград. Паралелата меѓу стапнувањето на првиот човек на Месечината и решавањето на косовското прашање, се чини, не е бесмислена. Иако и двете работи изгледаат како невозможна мисија, тие во основа се реални и остварливи. Секако, ако постои силна волја да се постигне тоа, а во вториот случај и ако се направи малку посилен притисок врз косовската и српската страна, кои од разни причини го кочат дијалогот од кој би произлегло и разумно решение за долгогодишниот спор.

Веста за поднесувањето оставка од Рамуш Харадинај, во петокот попладне, низ регионалните и светските медиуми се рашири со брзина на светлината. Неговото заминување од премиерската функција се случи „неочекувано“, исто како што ја донесе и одлуката за воведување високи царини за производите од Србија и од Босна и Херцеговина. До последниот ден од премиерската кариера тој упорно опстојуваше на својот став дека царините ќе бидат повлечени по признавањето на Косово. Со оставката се отвора првата пречка од продолжувањето на преговорите меѓу Белград и Приштина, кои треба да продолжат во септември во Париз, за што лично се заложи и францускиот претседател Емануел Макрон по минатонеделната средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Меѓународната заедница е решена да се излезе од оваа позиција, во која се наоѓа овој дел од Европа, што би се дефинирала како „замрзната состојба“, која се поттикнува од сите страни. Едната од нив е постојаното држење на Балканот подалеку од европските текови и интеграции, што им одговара и на одредени центри на моќ, преку подгревање на нерешените етнички проблеми

Оставката на Рамуш Харадинај од позицијата на шеф на Владата, создаде нови политички околности во Косово, вклучувајќи ги и преговорите со Србија. Политичкиот аналитичар Фисник Халими оценува дека изборите на Косово би можеле да се одржат ова лето. Но за него главна придобивка од „приземјувањето на Харадинај“, со повторната покана од Судот во Хаг, е што преговорите со Србија сега ќе преминат во рацете на косовскиот претседател Хашим Тачи. Тој и неговиот српски колега важеа за главни промотори на идејата за разграничување (и размена на територии) меѓу Србите и Албанците на Косово. Политичките процени се дека Тачи ќе го завршат конечниот договор со Србија, со посредништво на меѓународните актери, како што се САД, ЕУ и со гаранции на Русија.

По оставката на Харадинај сите карти се отворени, се коментарите и на аналитичарите во Србија. Претседателот Вучиќ веднаш изјави дека заминувањето на Харадинај е трик. Тој очекува во наредниот период да продолжат притисоците над Србија да ја признае независноста на Косово, што станало и единствена тема на разговорите со странските дипломати и државници.

Кои ќе бидат следните чекори во однос на прашањето за Косово останува неизвесно. Особено што за идејата за разграничување има и спротивставени ставови меѓу водечките политички лидери во Приштина. Да не заборавиме и на коментарите на германските медиуми по последната средба што се одржа во Берлин, од која главниот наслов беше дека „е погребена идејата за размена на територии на Балканот“, на што се противеше и германската канцеларка Ангела Меркел.

Во секој случај, меѓународната заедница е решена да се излезе од оваа позиција, во која се наоѓа овој дел од Европа, што би се дефинирала како „замрзната состојба“, која се поттикнува од сите страни. Едната од нив е постојаното држење на Балканот подалеку од европските текови и интеграции, што им одговара и на одредени центри на моќ, преку подгревање на нерешените етнички проблеми. Вториот аспект е одржувањето на спрегите меѓу власта во одделни земји со криминалните структури, за што се потребни и длабоки политички, општествени и економски реформи, на што долго време се инсистира од Европската Унија. Тоа е предизвик за сите национални влади на Балканот, кој е еднаков на невозможната мисија, како што е и слетувањето на Месечината.