Земјите од регионот се соочуваат со демографски предизвици, па можно е да станат стари пред да станат богати - Фото: Игор Бансколиев

Додека ММФ го истакнува технолошкиот развој како едно од решенијата за проблемот со намалувањето на работоспособното население, домашните експерти велат дека во овдешните услови за тоа се потребни, пред сѐ, реформи во образованието, но и владеењето на правото, политичката стабилност, малата и професионална администрација…

Намалувањето на работоспособното население во услови на неповолни демографски движења и миграција претставува ризик за Македонија, но и за земјите во регионот. А сето тоа упатува на потребата за преземање повеќе мерки за зголемување на стапката на активното население, продолжување на животниот век на населението, зголемување на квалификуваноста на работната сила, како и поттикнување иновации и автоматизација. Земјите од Средна, Источна и Југоисточна Европа во следните 30 години би можеле да се соочат со намалување на работната сила, предупреди заменик-директорот на Меѓународниот монетарен фонд, Тао Џанг, кој освен мерката за зголемување на бројот на работниците и на продуктивноста, ја нагласува и предноста во технолошкиот развој.

Во новото истражување на ММФ се изнесуваат податоци, кои покажуваат дека популацијата во овие земји поради стареење и миграција до 2050 година ќе се соочи со пад на бројот на населението од 12 отсто. А, пак, намалувањето на бројот на работната сила во наредните три децении би можело да биде уште поголемо и да достигне 25 отсто. Џанг забележува дека тоа значи дека работното население ќе мора да издржува двапати повеќе стари лица отколку сега.

– Овие демографски предизвици би можеле значително да го забават растот во овие земји. Намалување на понудата на работна сила и пониска продуктивност на постарите работници, заедно со поголем притисок врз јавните финансии може да чини околу еден процент од БДП годишно – предупреди Џанг.
Тој вели дека земјите од регионот се соочуваат со демографски предизвици во претходната фаза на развој во споредба со богатите западни земји, па затоа е можно да станат стари пред да станат богати.

– Едно од решенијата за олеснување на овие притисоци е зголемувањето на бројот и на продуктивноста на работната сила. Влошувањето на демографските трендови е под влијание на заминувањето на млади и образовани луѓе, а од 1995 до 2017 година, со исклучок на Русија и Турција, регионот загуби околу седум отсто од работната сила – објаснува Џанг.
Според него, покрај мерките за запирање на миграцијата, како и враќањето на оние што заминале, Џанг забележува дека некои земји, кои можеле да го намалат недостигот од работна сила, одлучија да увезуваат странски работници, истакнувајќи дека миграцијата е политички избор што става повеќе оптоварувања на некои други политики.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека намалувањето на работоспособното население во нашата држава, како резултат на иселувањето на младите луѓе во развиените земји, е најважното прашање во кое треба да се вклучат сите наши потенцијали: политичките, научните, невладините и сите други, кои ѝ мислат добро на оваа земја.

– Анализата на ММФ го кажува сето она што ние постојано го потенцираме, дека е потребно да се зголемат продуктивноста и бројот на работниците, како и да се запрат миграциите и одливот на кадри, но очигледно нашата држава или нема политичка храброст или, пак, ѝ недостигаат знаење и човечки ресурси – смета Димитров.
Тој додава дека првиот проблем со намалувањето на работната сила ќе се почувствува кај односот меѓу работниците и пензионерите.

– Можноста од буџетот да се дотираат исплатите на пензиите набргу ќе стане невозможна, затоа што издвојувањето голем износ на средства за пензии наместо за развој само ќе го зголемува проблемот во иднина. Вториот проблем е што намалениот број работници ќе го забави и така скромниот економски раст и ММФ прогнозира дека наместо во 2050 година да постигнеме 74 отсто од просекот во Европа, ние едвај ќе постигнеме 60 отсто поради овие демографски движења – нагласува Димитров.

Според него, една од главните констатации е дека Македонија ќе се соочи со стареење на населението на многу понизок степен на развиеност отколку развиените земји.
– Ова е потребно постојано да го имаме на ум кога предлагаме некои економски политики и кога едноставно ги копираме политиките од некои развиени земји, заборавајќи дека нашата стопанска структура и нивото на економски развој тие го имале пред сто години. Решението за увоз на работна сила не треба ад хок да го отфрламе, иако и за една ваква политика би имале проблем, затоа што желбата на економските мигранти е да живеат и работат во многу поразвиените држави од нас – вели Димитров.

Тој додава дека ММФ го истакнува технолошкиот развој како едно од решенијата на проблемот, но вели дека со ова ниво на образование, со постојните претприемачки вредности и со многу скромни финансиски потенцијали на компаниите, не може да се говори за тоа.

– Без разлика што многу млади и образовани кадри заминуваат од земјата, реформите во образованието остануваат прв приоритет.
Без високообразовани луѓе со доволен степен на знаење, не е возможен никаков технолошки развој, кој може позитивно да влијае на економскиот развој. Другата област, која е исто така многу важна, е владеењето на правото, политичката стабилност, малата и професионална администрација, намалувањето на непродуктивните трошења од буџетот и другите проблеми, кои постојано ни ги повторуваат, а ние се правиме како да не ги разбираме – објаснува Димитров.

[email protected]