Според правилата на ВТА за возраст, таа не може да добие покана за настап за гранслемот, но може да учествува во квалификациите

Неизвесно е учеството на 15-годишната Кори Коко Гауф во главната ждрепка на четвртиот тениски гранслем-турнир САД опен во август и во септември, објавија американски медиуми. Според правилата на ВТА, Гауф, која е на 141-то место на листата на ВТА, не може да добие покана за настап на турнирот во Њујорк, бидејќи веќе ги искористила трите покани што ѝ следуваат (за квалификациите за Мајами опен, Ролан Гарос и за Вимблдон).

– Очекувавме да ја видиме Коко во главната ждрепка за САД опен. Таа ги освои срцата на тениските навивачи во нашата земја со нејзината изведба на Вимблдон – се цитира изјавата на директорот за комуникации на Тениската асоцијација на САД, Крис Видмаер, во статијата на „Њујорк пост“.
ВТА одговори со изјава дека во основа потврдува дека ќе дозволи таа да добие покана за настап.

– САД опен, како гранслем-турнир, има право да не го спроведе правилото за возраст и на играч да му понуди т.н. вајлд-карта – изјавил портпаролот на ВТА.
Со успехот на Вимблдон, каде што Гауф играше во осминафиналето и загуби од подоцнежната шампионка Симона Халеп, таа се искачи на 141-то место во светот, што значи дека ќе ги исполнува условите да игра во квалификациите за САД опен дури и без покана, но не и за главната ждрепка. Квалификациите за САД опен почнуваат на 19 август, а турнирот една недела подоцна.