Рафаел Надал, Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ

Сепак не можеме да претпоставиме дали тие што ќе застанат по нив на врвот ќе ја имаат нивната доминација или ќе бидат уште подобри, бидејќи тенисот, но и тенисерите, низ годините сѐ повеќе напредуваат во поглед на издржливоста, концентрацијата, техниката и тактиката, вели Китинов

Посветеноста, истрајноста, желбата за тренинг и за победа и добрите тренерски тимови зад нив се главните фактори за децениската доминација на Роџер Федерер, Рафаел Надал и на Новак Ѓоковиќ, вели Александар Китинов, некогашниот македонски тениски репрезентативец, сега тренер.

Како плод на одличната физичка, психичка и, пред сѐ, техничко-тактичка подготвеност, повеќе од една деценија во светот на тенисот доминираат Швајцарецот Федерер, Шпанецот Надал и Србинот Ѓоковиќ. По речиси пет часа, Ѓоковиќ (32) славеше над Федерер (37) во финалето на престижниот гранслем-турнир Вимблдон, победувајќи го со 3-2 во сетови. За Србинот ова беше петти триумф на Вимблдон, 16-ти на гранслем-турнирите.

– Иако двајцата се постари од 30 години, тие одиграа одличен меч. Со својата ментална и физичка подготвеност, концентрацијата и енергијата со која го одиграа мечот, како и техниката, прецизноста и силината на ударите, покажаа вистинска спортска моќ која го дава одговорот за нивната повеќегодишна доминација – рече Китинов.

Потврда за недопирливоста на големата тројка е и податокот дека освен Федерер, Надал и Ѓоковиќ, од 2004 година па наваму само Британецот Енди Мареј (во 2016 година) успеа да се искачи на врвот на АТП-листата
– Факт е дека во моментов тениската тројка е далеку пред сите и дека уште најмалку пет-шест години ќе биде присутна во врвот на светскиот тенис. Но исто така, факт е дека полека на сцената испливуваат млади и квалитетни тенисери кои во иднина би ги зазеле нивните места, но сепак не можеме да претпоставиме дали тие што ќе застанат по нив на врвот ќе ја имаат нивната доминација или ќе бидат уште подобри, бидејќи гледаме дека тенисот како спорт, но и тенисерите како спортисти, низ годините сѐ повеќе напредуваат во поглед на издржливоста, концентрацијата, техниката и тактиката – вели Китинов.