Познатиот музичар ѝ бил соработник на Санда Хржиќ при првиот превод на хрватски јазик на древната суфиска поема на Фаридудин Атар

Во преведувањето на древниот суфиски текст „Јазикот на птиците“ на Фаридудин Атар на хрватски јазик, поема што е вброена меѓу најважните наслови не само на иранската туку и на светската книжевна традиција, заедно со угледната преведувачка Санда Хржиќ учествувал и познатиот музичар и поет Дарко Рундек.

Хржиќ на ова дело работела 15 години, а Рундек, како што и таа самата изјавува во текст за дневниот „Јутарњи лист“, ѝ помагал околу неразбирливите пасуси и наоѓал подобри формулации. Ова капитално дело на персиската суфиска поезија првпат и воопшто на хрватски, го објавила издавачката куќа „Планетопија“. Атар ја напишал алегориската поема „Јазикот на птиците“ во 12 век, на просторот на денешен североисточен Иран. Таа раскажува за птичја потрага по вистината, за патување до кралот Симург. Фаридудин Атар, заедно со Џелалудин Руми, се смета за најголемо име на персиското поетско наследство. Патувањето на птиците до кралот е полно со искушенија, со многу барања: пред нив има седум пустелии, симболични, на секоја од нив од птиците се бара да се откажат од дел од сопствениот идентитет за да можат да го продолжат патувањето. Во таа потрага по кралот, кој го симболизира Апсолутот на птиците, тие всушност мораат да се напуштат себеси. Триесетина птици, кои на крајот стигнуваат до кралот, се пред сѐ надарени со искреност. Санда Хржиќ, со поемата што на хрватски ја превела од француски јазик, работејќи на текстот на различни начини, првпат се сретнала пред повеќе од 40 години.

– Повеќе години претходно и сама, работејќи на различни театарски проекти, ја зедов како предлошка драматизацијата на Жан-Клод Кариер, под наслов „Птичји собор“, но како што проаѓаше времето, сѐ повеќе ме интересираше само изворното дело, самата поема. Прво ги преведував само деловите, а потоа дојде време да се фатам во костец со преводот на комплетниот текст. Најпрвин требаше да ги разберам културолошкиот и духовниот аспект на текстот, заедно со големиот број референци што требаше да се истражат. Комплексното истражување што го направил ориенталистот Гарсин де Таси, со споредување на најстарите зачувани ракописи и изданија на персиски, арапски, хинди и турски и мноштвото негови коментари и објаснувања, ми беше голема поддршка во разбирањето на делата – изјавила Хржиќ, која со својот соработник на преводот на „Јазикот на птиците“, Дарко Рундек, претходно работела и на други театарски проекти поврзани со тоа дело, и во Франција и во Хрватска. Кога конечно тргнала со преводот на поемата, најпрвин се консултирала со Рундек околу нејаснотиите за неа во одредени пасуси или околу тешкотиите во наоѓањето најдобри формулации.

– Рундек ми беше и првиот пробен читател. Постепено заедно почнавме да преоѓаме и низ поголеми целини, а кога дојдовме во завршните фази, кога со издавачот го договоривме објавувањето, заедно и го прочешлавме неколкупати целиот текст – напоменала преведувачката. Санда Хржиќ и Рундек се сретнале на загрепската академија на крајот на 1970 година, тој тогаш бил студент по режија, а таа студентка по глума. Оттогаш соработувале на многу проекти на кои Рундек работел како композитор и поет, а Хржиќ како режисерка и преведувачка.

– „Јазикот на птиците“ е песна пишувана во двојни стихови (двостиси), во оригиналот е напишана во дванаестерец со двојна рима со многу сложена структура. Бидејќи се состои од повеќе облици на пишување, од поуки, приказни, посветени текстови, коментари, тоа сѐ заедно како целина ја држи алегориската приказна за патувањето на птиците во потрага за кралот Симург. Кралот Симург всушност има многу карактеристики на бог, иако не е бог, туку крал. Алегориски, поемата всушност зборува за потрагата на човекот по Апсолутот. Во преводот често го користевме зборот Апсолут за на тој начин тој поим да го одвоиме од која било специфична, поединечна религиска традиција. Затоа не го нарекуваме ни Алах, ни Јахве… тој е Апсолут, тој е еден. „Јазикот на птиците“ го слушам како ориентална фуга во која се испреплетуваат две основни теми, една е бегство од затворот на сопствената личност, а другата обид на соединување со Апсолутот“ – посочил Рундек. „Јазикот на птиците“ го илустрира човековото трагање по смислата.

– Атар раскажува за напорот што е потребно да се вложи за човекот да ја види другата страна на самиот себе и постапно, работејќи на доблестите да дојде во допир со скриениот божествен аспект. Денес, во ова современо време тој пат ни е потребен повеќе од кога било, бидејќи ние луѓето сме станале целосно изгубени во сопствената нарцисоидност, не гледаме колку и како ги уништуваме природата и животните. Животот околу нас, чиј еден дел сме и ние самите – вели Хржиќ. Иако на прв поглед архаичен, текстот може да се разбере и да се чита и од позиција на современиот човек. Птиците на патот на трагањето по таинствениот крал Симург минуваат различни, не лесни искушенија…