Основен темел на американскиот план за враќање на Месечината е леталото „Орион“. Но тоа е само еден дел. Другиот е ракетата што ќе го однесе во вселената. Некои експерти сметаат дека е подобро леталото да се лансира со комерцијални ракети, како тие на милијардерите Илон Маск и Џеф Безос

Основен темел на американскиот план за враќање на Месечината е леталото за екипаж „Орион“. Неговите конусни контури повеќе потсетуваат на командниот модул на „Аполо“ отколку на вселенскиот авион и негов претходник – спејс шатлот. За многумина вселенското летало евоцира спомени на златното доба на вселенското истражување, кога сѐ беше можно. Но десеттонското вселенско летало користи технологија што во 1960-тите беше незамислива, а дури и методите за негова изградба се иновативни. Во „Локид Мартин“, кој за НАСА го гради „Орион“, инженерите се опремени со визир за изменета реалност.
– Гледате низ леќа што гледа низ визир, но тука се и овие дигитални објекти што се распоредени во околината – објаснува Шели Петерсон, директорка за напредни технологии во „Локид Мартин“.

Со користењето на инструкции вметнати во сликата за реалниот свет, техничарите лесно може да одлучат каде да бушат дупка или да ја означат локацијата за спојките на каблите. Тоа исто значи дека тие не треба да читаат упатство, што може да биде повеќе илјади страници, овозможувајќи им побрзо и поефикасно да работат.
– Во споредба со „Аполо“, „Орион“ е многу погуст во смисла на неговите способности. Тоа е една од причините зошто неговиот дизајн и изградба беше комплексен – истакнува Рон Чемберс, висок системски инженер во „Локид Мартин“.
„Орион“ оригинално беше дел од планот на претседателот Џорџ В. Буш за враќање на Месечината, што беше објавен во 2004 година. Кога администрацијата на Обама во 2010 година ја укина програмата, „Орион“ беше единствениот елемент што опстана. Четирите компјутери за летање на „Орион“ може речиси сѐ да раководат на вселенското летало и тоа без интервенција од луѓе, правејќи го леталото многу самоодржливо.

– Во тој аспект, „Орион“ е вистински генерациски чекор напред – додава Чемберс.
Компјутерите се истите што се користат за комерцијалниот авион „Боинг 787“. Но тие се зајакнати за потребите на вселенското патување, каде што гравитациската сила, вибрациите и радијацијата може да ја оштетат чувствителната опрема.
– Затоа имаме четири компјутери за летање, а не затоа што очекуваме да изгорат поради краток спој. Тоа е за справување со околината во длабоката вселена – вели Чемберс.

И надворешниот дел на вселенското летало исто така мора да биде цврст. „Орион“ е дизајниран да издржи удари од мали вселенски камења, или, пак, од делови од човековото ѓубре во орбитата околу Земјата. Доколку поради дупка „Орион“ почне да губи воздух, леталото ќе може да се врати дома. Астронаутите ќе бидат снабдени со костуми под притисок, што ќе ги одржат во живот во вакуумот. Но електронските системи специјално се дизајнирани да губат топлина без притоа вентилатори да дуваат воздух на нив. Кога „Орион“ ќе се враќа на Земјата, најголемиот топлотен штит досега изграден ќе го штити екипажот од температура од 2.760 Целзиусови степени, што може да се појават при повторното влегување во атмосферата. Топлотниот штит ќе користи елементи од системите за термална заштита, што се користеа на спејс-шатлот и на роботските мисии на Марс. При слетувањето кон површината, „Орион“ ќе отвори дури 11 различни падобрани, од кои повеќето се изградени од мешавина од кевлар и најлон – за да го забави вселенското летало до брзината од 27 километри на час, што е потребна за безбедно паѓање во Пацифички Океан. Во близина ќе чека амфибиски транспортен брод за да ги земе астронаутите.
„Орион“ е само еден голем дел од планот за враќање на Месечината. Друг дел е ракетата што ќе го однесе во вселената. Системот за вселенско лансирање (СВС) е повисок од 30-катна зграда и ќе може да лансира товари до 130 метрички тони – што е еднакво на десет лондонски автобуси за јавен превоз.

– Тоа е навистина огромна ракета. Едноставно е неверојатно голема – вели Џон Шенон, потпретседател и програмски менаџер за СЛС во „Боинг“.
СВС ја користи технологијата развиена за спејс-шатлот. Но новата ракета е сосема различна работа. Сепак, тоа постави големи предизвици, бидејќи СВС создава многу поинакви нивоа на стрес врз компонентите.

– Земавме дел од хардверот од спејс-шатлот, го тестиравме и не преживеа. Затоа моравме да направиме значителен редизајн за повеќе работи – објаснува Шенон.
Еден од големите предизвици беше осигурување на моторскиот дел на ракетата да се справи со тресењето од моќните ракетни мотори со цврсто гориво. Делот со моторот многу се загрева во текот на летот, поради што инженерите го изолираат со тапа, истиот материјал што се користи за затворање на винските шишиња. Тапата е полна со воздушен простор, поради што е еден од најдобрите достапни материјали за термална изолација. За развојот беа потрошени околу 12,5 милијарди долари.
Се очекува првиот пробен лет да биде спроведен најрано во јуни 2020 година. Но сите не се согласуваат дека ова е најдобриот начин за летање. Дел од експертите сметаат дека е подобро да се лансира со користење на комерцијални ракети, како оние што одделно ги развија милијардерите Илон Маск и Џеф Безос. Роберт Зубрин, од компанијата „Пајонир астронаутикс“ има план, познат како „Месечина директно“, што би користел помалку моќни комерцијални ракети за лансирање на вселенско летало на Месечината. Зубрин смета дека со две лансирања годишно, од кое секое чини една милијарда долари, СВС би можело многу подобро да се искористи, како што е стигнување до Марс.

Истовремено, се поставува прашањето зошто САД градат вселенска станица во месечевата орбита? На прв поглед изгледа дека станува збор за легитимно прашање, ако се земе предвид фактот дека на астронаутите им беше добро без станица пред 50 години.
– Целта на станицата „Гејтвеј“ навистина е да послужи како попатна станица за слетување на површината на Месечината, а потоа и на Марс – вели Пит МекГрат, директор за глобална продажба и маркетинг на одделот за вселенско истражување на „Боинг“.

Станицата нема да биде завршена навреме за мисијата во 2024 година. Но „Орион“ би можел да слета на помала верзија, што се состои од модул за напојување и мало живеалиште за екипажот.
– На крајот, „Гејтвеј“ би можело да биде местото каде што ќе ја соберете целата логистика што е потребна за транспортното возило за Марс – истакнува Шенон.
Од друга страна, голем предизвик ќе биде полетувањето од Месечината.
– Кога лансирате од Земјата, тоа го правите од фиксна и позната локација за лансирање. На Месечината сѐ зависи од тоа каде сте слетале и како е поставено вселенското летало – наведува Симус Туохи, експерт од компанијата „Дрепер лаб“.