Фото: Дарко Андоновски

Може ли разговорите во четири очи да го супституираат функционирањето на парламентарната демократија и правната држава или преку лидерските средби таа директно се погазува и девалвира

Компликуваната позиција во која повторно се најде домашната политичка гарнитура, пред очекувањето на добивање на датумот за преговори со ЕУ во октомври, а е поврзано со Изборниот законик, Законот за СЈО и пописот, и најново по обелоденувањето на случајот рекет, иницираше потреба од лидерска средба за да најде решение за проблемите и предизвиците со кои се соочува државата. Најсвежо барање за организирање лидерска средба стигна завчера токму од премиерот Зоран Заев, на кое потоа уследија и различни одговори од политичките партии, некои веднаш ја прифатија, други се двоумат итн.
Но она што веројатно е многу посуштествено од агендата на средбата е сознанието дека форматот лидерска средба повторно се враќа на голема врата на политичката сцена во Македонија, како и во минатото, и се наметнува и се става над институциите.

Домашните познавачи на состојбите веднаш реагираа во јавноста по допрениот глас за нова лидерска средба закажана за в петок, запрашувајќи се притоа колку овој формат за барање решенија е продуктивен, со оглед на фактот што со години земјата токму преку лидерските средби наместо да ги надмине проблемите влегуваше од една во друга политичка криза. Може ли разговорите во четири очи да го супституираат функционирањето на парламентарната демократија и правната држава или преку лидерските средби таа директно се погазува и девалвира. Форматот на носење клучни одлуки на лидерски средби претставува девалвација не само на парламентот и на институции, туку генерално на целиот политички и правен систем во државата, коментираат познавачите на домашните околности. Парафразирано кажано, лидерските средби се смрт за правото.

Тоа е така затоа што правната држава и владеењето на правото предвидуваат прецизно утврдени процедури и точно одредени институции каде што треба да се решаваат проблемите кои кај нас, за жал, се прескокнуваа, форсирајќи ги лидерските средби. Според експертите, плурализмот во светот исто така познава лидерски средби, како оние што редовно ни се случуваат во Македонија, и слично како и кај нас на лидерските средби се бранат интересите на политичките врхушки.

Дополнително, преку лидерските средби се девалвира и меѓународното и националното право, односно одлуките што произлегуваат од лидерските средби потоа се наметнуваат по секоја цена над меѓународното право или над националното право. Токму на тој начин, на пример, беше сменето името на нашата држава, а има и редица други примери во светски рамки кога се погазува правото.
Таков принцип на носење одлуки во поново време е присутен и во ЕУ и во други меѓународни тела и организации.

Во таа насока, дел од политичките аналитичари негативно ги коментираат актуелните случувања поврзани со можноста за повторно активирање на лидерските средби меѓу македонските политичари. Политикологот Милан Стефановски вели дека овој формат на средби е измислен од домашните политичари со години наназад се со цел да се заобиколат институциите и да нема одговорност по донесените одлуки надвор од институциите како што е Собранието.

– Ерозијата на државната власт, и воопшто на државата во овој момент, е само уште еден показател на систематско газење на елементарните правила и право на играта со процедурата на носење одлуки во парламентот, што се заменува без никакво образложение со некаков формат на лидерска средба. Неразбирливо и нејасно е како тие клупски средби се различни од координациите на парламентарните групи кои може да се организираат на највисоко партиско ниво. Уште понејасно и крајно неприфатливо е што тие во најчестите случаи се прават зад затворени врати, со претставници само на најголемите и најбогатите, додека толпата новинари чека поглаварите да излезат од канцеларијата и да ги соопштат своите „мудри одлуки“. Тие нивни одлуки не се ништо освен разнишани бизнис-спогодби и заобиколување на правната држава, правото, законитоста… Го сфативме тој формат низ годиниве наназад преку Преспа за промена на името, претходно Пржино, политичките кризи во минатото, па сѐ до денес. Одвај го преживеавме тоа низ годините и не ни е потребно ново повторување на историјата која досега ни докажа и покажа дека овие средби се само за заобиколување на правото и на државата и штитење на политичките интереси наместо суштинско решавање на проблемите на обичниот граѓанин – вели Стефановски.

Слично размислува и професорот Атанас Козарев, кој воедно е и познавач на состојбите во ЕУ. Тој коментира дека низ годините бевме сведоци и видовме дека со лидерските средби се надминуваат тешки кризи во Македонија и преку нив се стигнува до договори како Охридскиот, Пржинскиот, но верува дека барем хипотетички останува простор да се запрашаме дали можеби овие договори би можеле да бидат подобри како решенија за домашната политика ако тие биле носени во парламентот наместо во некоја хотелска сала или вила. Професорот Козарев објаснува дека ваквиот принцип на собири, кога се носат одлуки надвор од институциите, се практикува и во ЕУ. Таму наместо институциите на Брисел, најчесто два-тројца влијателни челници на земји-членки на ЕУ носат политички одлуки во името на целата Унија, како што беше нашиот случај за промена на името, што според него е флагрантно кршење на меѓународното право, но и на домашното право на државата за која станува збор.

– Можеби е доблесно да има средби на партиските лидери како дел од широк политички дијалог со кој се јакне демократијата и се збогатува политичката култура во општеството, нешто што фали во државава. Но кој го одредува правилото тоа да бидат само четворица или пет лидери од најголемите партии, по двајца од најголемите етнички табори? Каде и во кој статут е напишано тоа дека тие можат да носат државни одлуки без јавна дебата и консултација во институциите на системот? Поради тоа пропадна преспанскиот процес, бидејќи лидерот на опозицијата не го прифати тој формат. Слично ни се случи и за Пржинскиот. Тоа е стандарден начин на однесување за оваа категорија на лидери кои имаат за цел да се забошоти вистината. Повеќе од јасно е дека во секоја земја, вклучително и во Македонија, постојат институции, парламенти, народни собранија во кои мора пред лицето на јавноста да се дебатира и да се носат здрави одлуки во согласност со законите и правото на државата – вели Козарев.

Професорот е убеден дека за доброто на македонската политика мора што поитно да се тргне овој втемелен начин на одлучување на битни прашања надвор од парламентот, бидејќи според него, таквиот начин не е карактеристика на современите демократии туку тоа е одлука на тоталитарните режими кога за носење на одлуки се одговорни диктаторите, кои го имаат последниот збор со избегнување на парламентите и институциите.


Лидерска в петок без најголемата опозициска партија?

Претседателот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на прес-конференција рече дека тој не гледа причина да присуствува на лидерската средба што ја побара Зоран Заев за в петок. Според него, работни групи од ВМРО-ДПМНЕ веќе работат со работни групи од СДСМ по повеќе прашања, односно по трите теми што ги предложил премиерот Заев за лидерската средба. Во меѓувреме, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи вчера изјави дека ДУИ на лидерската средба, која се планира за в петок, ќе го претстави ставот дека земјата има потреба од институција што ќе биде фокусирана на борба против корупцијата на високо ниво во политиката, но и дека партијата ќе бара да почне да се реализира иницијативата за ветинг. Во исто време претседателот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, ја прифати поканата на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да учествува на лидерска средба в петок. Од кабинетот на Села наведуваат дека ќе учествуваат на средбата и оти ќе презентираат свои предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира.

[email protected]