Во другите дуели од европските купови за жени, Куманово ќе се сретне со Славија, а Пелистер со Заечар. Во машка конкуренција, пак, Пелистер и Бутел ќе чекаат победници од 1. коло, а Металург ќе се вклучи дури во 3. коло

Косовската екипа Беса или швајцарски Винтертур ќе бидат противници на битолски Пелистер во 2. коло од Купот на ЕХФ, а во својата дебитантска сезона во Европа, Бутел ќе игра со подобриот од двомечот помеѓу Лондон и Запорожје. Мечевите на програмата се од 5 до 13 октомври. Според клупскиот рејтинг, Металург доби директно место во 3. коло на Купот на ЕХФ, па својот противник ќе го дознае по ждрепката на 15 октомври.

Металург и Куманово немаа многу среќа во ждрепката на двојките за 1. коло на Купот на ЕХФ за жени. Девојките од Автокоманда ја добија полската екипа Заглебје, а кумановки ќе се надигруваат со Славија од Прага.

Заглебје во минатата сезона настапи во второто коло на истиот куп, а во домашните натпреварувања ја освои двојната круна. Славија играше во второто коло на Купот на ЕХФ лани, а дома го освои второто место. Металург и Куманово ќе бидат домаќини на првите натпревари кои треба да се играат на 7 или на 8 септември. Женската екипа на Пелистер, за противник во 3. коло од Челинџ-купот ја доби екипата на Заечар од Србија.

Во годинешната сезона од натпреварувањата на ЕХФ, Македонија ќе има осум претставници, од кои пет во машка и три во женска конкуренција кои ќе разигруваат на четири фронта, Лигата на шампионите (ЛШ) за мажи, потоа Купот на ЕХФ и Челинџ-купот во машка и во женска конкуренција.

Македонскиот и европски првак Вардар и вицепрвакот Еурофарм работник ќе ја претставуваат Македонија во ЛШ, а освојувачот на Купот на Македонија, Металург, и четврто и петтопласираните екипи во домашното првенство, Бутел и Пелистер, ќе играат во Купот на ЕХФ. Кај девојките, Металург и Куманово ќе играат во Купот на ЕХФ, а Пелистер ќе настапи во Челинџ-купот.


ЕВРОПСКИ НАТПРЕВАРУВАЊА, ДВОЈКИ

КУП НА ЕХФ, МАЖИ, 2. КОЛО
Пелистер – Беса или Винтертур
Бутел – Запорожје или Лондон
КУП НА ЕХФ, ЖЕНИ, 1. КОЛО
Куманово – Славија Прага
Металург – Заглебје
КУП ЧЕЛИНЏ, 3. КОЛО
Заечар – Пелистер