А. Савински, поранешен руски ополномоштен министер, во своите мемоари истакнува:
Македонците се бујно, подвижно племе, многу поенергично и повитално отколку Бугарите и секогаш имале надмоќ над нив

Позначително преселување на Македонците започнало по руско-турската војна од 1877 година и создавањето на бугарската држава. По оваа војна, многумина од македонската интелигенција во која имало учители, свештеници, трговци и друго заминале во Софија и Пловдив. Меѓу нив биле Јанаки Стрезов, Васил Дијамандиев, Григор Прличев, Димитар Узунов и др. Сите од нив добиле добри работни места, Стрезов бил назначен за член на Ќустендилскиот окружен суд, Прличев за учител во Габровската гимназија, Узунов во Народната библиотека во Софија.

Божидар Татарчев забележува дека во Бугарија има 200.000 Македонци што ќе се врателе во својата земја кога таа ќе имала подобра управа и ќе ја направеле Македонија напредна и богата. Според анкетата на македонските братства објавена во 1918 година, македонската емиграција во Бугарија била политичка, односно Македонците не се населиле во Бугарија за да бараат подобар живот и трајно да се населат, тие ја напуштиле Македонија за да ги зачуваат своите имоти и ќе се вратат во своите места по ослободувањето на Македонија од туѓата власт.

Томов и Георги Баждаров во книгата „Револуционерните борби во Македонија“ истакнуваат дека македонската интелигенција била принудена да замине во Бугарија, меѓутоа и преостанатото македонско население било принудено да бара работа и спокојно суштествување во бугарската држава. Бројот на Македонците многу бргу се зголемувал во Бугарија. Еден дел од овие Македонци се населувал постојано во Бугарија, а другиот дел се вратил во Македонија. Во 1902 година во Бугарија живееле 200.000 Македонци, а во Софија, која имала 70.000 жители, 20.000 биле Македонци. Димитар Влахов истакнува дека емиграцијата не беше само од познатите културни и политички центри на Македонија – како Охрид, Битола, Прилеп, Велес, туку и од некои други реони, како Кичево, Струшко, Дебарско и др.

Според податоците од пописот на населението во Кнежеството Бугарија од 1888 година, 54.462 лица биле родени во Османлиската Империја, од нив 34.327 лица живееле во северна Бугарија, а 20.135 лица во јужна Бугарија. Според овие информации, Васил К’нчов заклучува дека жителите родени во Османлиската Империја во Софискиот и Ќустендилскиот округ се Македонци, со незначителни исклучоци.

Такви Македонци имало во Варна и две варненски села, две села во околината на Ески Џумаја, како и важен дел од преселниците во градот Русе и др. Во јужна Бугарија значителен број Македонци имало во Пловдивската и Татар-Пазарџиската околија. Според податоците од 1888 година, нивната бројка била 30.000-32.000 лица, а нивниот број постојано растел.

Константин Кондов забележува дека Македонците во Софија сочинувале половина од населението и често за градоначалници и помошници биле избирани Македонци, а меѓу нив биле: Јосиф Ковачев, Димитар Кожаров, Иван Беширов, Коне Поп Спирков и др. Леон Ламуш забележал дека брзото зголемување на населението во Софија се должело на Македонците. Меѓу оваа емиграција имало голем број интелигентни и школувани луѓе. Тие во создавањето на бугарската држава зазеле многу важни места во политиката, просветата, армијата и др.

Македонците биле застапени во сите гранки на бугарскиот политички и културен живот: поезија, новинарство, книжевност, учителство, политика, финансии, трговија, медицина и др. Според Георги Трајчев, Македонија ѝ дала на Бугарија: 8 министри, 20 дипломати, 70 депутати, 10 митрополити, 15 универзитетски професори, околу 100 учени писатели и публицисти, 35 уметници, скулптори, оперски пејачи, артисти, 30 виши чиновници по народна просвета, 150 магистри и видни судии и адвокати, околу 100 повисоки административни чиновници, 80 поистакнати лекари, 40 видни инженери и архитекти, 800 офицери, меѓу кои 8 генерали, 31 полковник, 56 потполковници. Во бугарските училишта имало 1.568 учители, 200 духовни лица и околу 5.000 чиновници.

Македонците се пројавиле и како водачи на разни бугарски политички партии. Комунистички (тесни социјалисти) лидер бил Димитар Благоев, на широките социјалисти – Петар Џидров, на радикалите – Ил. Георгов, на либералите – Никола Генадиев, на демократите – Андреј Љапчев. Последните двајца стануваат и бугарски премиери.

Ресенчанецот Андреј Љапчев (прв лево) еден од најдобрите бугарски премиери

Големото влијание на Македонците во бугарската држава било забележано од повеќе истакнати личности. Пред балканските војни, Максим Горки истакнал: „Само пророците можат да знаат дали Бугарија ќе ја присоедини Македонија, или Македонија ќе ја присоедини Бугарија“. А. Савински, поранешен руски ополномоштен министер, во своите мемоари истакнува: „Македонците се бујно, подвижно племе, многу поенергично и повитално отколку Бугарите и секогаш имале надмоќ над нив“. Пјер Парини во миланскиот весник „Ил пополо д` Италија“ забележува: „Македонците, без сомнеж, се најинтелигентните и културни жители на Балканскиот Полуостров. Можеби исто така се и најсилни и јуначни. Тие го образуваат, како што се знае, раководниот дел во Бугарија“. Д.С.


Провокација на Бојко Борисов

Премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, деновиве предизвика скандал со контроверзната изјава дека Стево Пендаровски е северномакедонски претседател. Всушност рече „македонски претседател“, а потоа се премисли и ја употреби формулација северномакедонскиот претседател.
Еве што всушност кажа Борисов.
– Македонскиот…, северномакедонскиот претседател Пендаровски. Тој беше првиот македонски…, северномакедонски политичар што ги кажа работите на правилен начин, дека Гоце Делчев е Бугарин, кој отишол да се бори за слободата и автономијата на Македонија – изјави Борисов.