Во финалето на Вимблдон, кое траеше рекордни 4,57 часа, Ѓоковиќ го совлада Федерер со 7-6, 1-6 7-6, 4-6, 13-12. Ѓоковиќ сега има 16 гранслема, четири помалку од Федерер и два од Надал

Србинот Новак Ѓоковиќ петти пат е победник на најпознатиот светски тениски турнир, Вимблдон. Тој во епски меч, најдолг финален во 133- годишната историја на Вимблдон, што траеше 4,57 часа, го совлада Швајцарецот Роже Федерер со 7-6, 1-6, 7-6, 4-6, 13-12. Во петтиот сет што траеше повеќе од два часа, првпат се играше според новото правило, кое вели дека во случај на нерешен резултат во решавачкиот сет од 12-12 во гејмови, се игра тај-брек. Ѓоковиќ ги доби трите сета во тај-брејкот.

За светскиот тенисер број 1, кој победи на четири од последните пет најголеми турнири, ова беше 16-та гранслем-титула во кариерата. На Вимблдон тој победуваше и во 2011, 2014, 2015 и во 2018 година, трипати против Федерер, и по еднаш против Енди Мареј и против Кевин Андерсон.

Публиката на централниот терен, кој собира околу 15.000 луѓе, како по обичај, повеќе му беше наклонета на Федерер.

– Сево ова по малку е надреално. Ментално ова беше можеби најнапорниот меч досега за мене во кариерата. Почувствував големо олеснување на крајот. За вакви натпревари се тренира, се живее, тие се потврда дека сите часови, денови и години напорно тренирање имале смисла, особено кога играте против еден од најдобрите тенисери на сите времиња – изјави Ѓоковиќ, додавајќи по малку на шега дека кога публиката скандирала „Роже, Роже“ нему му се слушало како да извикува „Новак, Новак“.

Федерер не успеа да ја освои деветтата, рекордна титула на Вимблдон и да се израмни со Мартина Навратилова, и на неполни 38 години да стане највозрасниот освојувач на гранслем-трофеј во т.н. опен ера, која почна во 1968 година. Федерер беше дел од уште еден историски дуел, против Рафаел Надал во 2008-та, што траеше 4,48 часа и што, исто така, го загуби во пет сета.
– Да, има сличности со тој меч. Јас сум губитникот двапати, тоа е единствената сличност што јас ја гледам. Така и сега, боли поразот, особено кога е во финале на Вимблдон. Епски крај, толку блиску до победа, толку многу возбудливи моменти. Одличен натпревар, беше долг, имаше сѐ. Честитки до Новак, беше лудо – изјави Федерер.

Ѓоковиќ третпат спаси две меч топки на еден гранслем-турнир против Федерер. Претходно тоа двапати се случи на САД опен во Њујорк, во 2010 и во 2011-та, во полуфиналните мечеви. Но првпат по 71 година и финалето во 1948-та, Роберт Фалкебург – Џом Бромвич (7-5, 0-6, 6-2, 3-6, 7-5) се случи да победи тенисерот што спасил две (или три) меч-топки.


Федерер остана на осум, Ѓоковиќ се израмни со Борг

Роже Федерер и понатаму е прв на листата според бројот на освоени тениски гранслем-титули, вкупно 20. Зад него е Рафаел Надал со 18, Ѓоковиќ има 16, Пит Сампрас 14, Рој Емерсон 12 итн. На Вимблдон, Федерер победил осум пати, Сампрас седум пати, а по пет триумфи имаат Ѓоковиќ и Швеѓанецот Бјорн Борг. Ѓоковиќ вели дека Федерер, на 37-годишна возраст, му е инспирација, и ќе се обиде да го следи, односно да игра што е можно подолго на највисоко ниво.


Кој е најдобриот на сите времиња, или на генерацијата?

Пред финалето на гранслем-турнирот Вимблдон и по него, продолжуваат споредбите и дебатите за тоа кој е најдобриот тенисер на сите времиња. Славниот Австралиец, Род Лејвер, по триумфот на Федерер во полуфиналето над Рафаел Надал, на Твитер, швајцарскиот тенисер, победникот на 20 главни турнири, го нарече најдобар на сите времиња. Малкумина имаат забелешки на Лејвер за ова, но по финалето повторно се актуализира прашањето. Бидејќи не постојат цврсти критериуми, неправедно и наблагодарно е да се споредуваат тенисерите од различни периоди. Тоа му доаѓа, како што велат некои, да ги споредувате „Битлси“ со „Ролинстонси“.
Како алтернатива вреди да се размислува за тоа кој е најдобриот на генерацијата. Федерер го држи рекордот според бројот на титули (20), но Ѓоковиќ (16) е поуспешен од него во меѓусебните дуели (26-22) и во решавачките мечеви (4-1), како и од Надал (28-16). Надал, пак, кој има 18 гранслема, исто така, е во конкуренција, бидејќи е поуспешен во мечевите со Федерер (24-16).