Фото: Зоран Антоски

Во периодот од 12 јуни, откако стапи на сила Законот за старосна социјална пензија, до денес, 109 граѓани од општина Кичево доставиле барања за остварување на ова право. Според интересот на граѓаните, оваа бројка се очекува да биде далеку поголема.

– За еден месец поточно од 12 јуни до 12 јули, до Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Кичево, 109 граѓани доставиле барања за остварување на правото за старосна социјална пензија, чиј износ ќе биде 6000 денари. Оваа бројка не е конечна и според интересот што владее помеѓу жителите од нашата општина, конечната бројка ќе биде и многу повисока, бидејќи голем дел граѓани се обратиле до нашиот центар за да добијат целосна информација, како би можеле да ги комплетираат документите – посочи директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Кичево, Дашмир Лимани.

Лицата кои сакаат да го остварат ова право, мора да ги задоволат следните критериуми: да не остваруваат приходи по друг основ, ниту имаат земја во своја сопственост, штеден влог во банка повисок од 70.000 денари или да не поседуваат моторно возило и да се жители во општината последните 15 години.

– Ако ги задоволуваат критериумите, лицата што имаат повеќе од 65 години, можат да го остварат ова право. Веќе се донесени и првите решенија, што значи дека оваа операција тече со полн интензитет – истакна Лимани.