На страниците на „Колибри“ ги објавуваме расказите на седумте учеснички на тукушто завршената работилница за креативно пишување „Остани дете, стани писател“, на издателството „Икона“. Творбите на кои работеа Амелиа, двете Јани, Екатерина, Марија, Мелина и Евгенија, под менторство на познатиот македонски писател Александар Прокопиев, наскоро ќе се најдат и собрани во книга

Еден ден јас излегов во мојот двор за да им дадам храна на моите мачки. Кога бев надвор, мачките ги немаше. Затоа викнав: „Лаки, Лаaaaки!”
Тоа е името на моето црно маче, но на сите мои мачки тоа им значи храна. Набргу сите мачки скокаа по моите нозе и ми мјаукаа. Ја истурив храната на земјата и си отидов.
Во тој момент Сара влезе во мојот двор и ги здогледа Мици и Уно, моите две мали мачиња. Како што таа ги подигнуваше, Лаки, Шанин и Вискерс почнаа да ѝ ‘ржат. Сара истрча подалеку од другите мачки со Мици и Уно во нејзините раце. Не ѝ беше многу гајле дека малите мачиња мјаукаат. Стефан влезе во мојот двор и го зеде Уно во раце. Потоа, тие двајцата ги фатија мачињата за опашките и ги држеа наопаку. Но тоа што тие не го знаеја е дека моите братучеди Лина и Филип ги набљудуваат од својата тераса.

– Ѕверови едни! – рече Лина.
* * *
Во меѓувреме, Сара рече: – Ајде да ги тренираме мачињата!
– Ајде! – извика и Стефан.
Потоа ги плукнаа мачињата. Лина и Филип гледаа со неверување. Во тој момент една шишарка падна од борот и ја удри Сара по главата.
– Аууу! – извика таа.

Но тоа не ја спречи да продолжи да ги малтретира мачињата. И, само што сакаа повторно да ги превртат мачињата, една друга шишарка падна на главата на Стефан.
– Уффф! – писна и тој.
Одеднаш буквално почна да врне шишарки врз главите на братот и сестрата.
– Аууу! Уффф! Оффф! – пискаа Сара и Стефан во хор. Тоа се случуваше бидејќи борот, едно навидум обично, но сепак магично дрво, ги набљудуваше малите ѕверови додека тие ги малтретираа мачињата. Во меѓувреме, две ластовички слетаа на дрвото. Тивко, но разбирливо, борот им шепна на ластовичките за делото на ѕверовите.
И тројцата смислија план.

* * *

Во меѓувреме јас тропнав на вратата на моите братучеди Лина и Филип за да ги викнам кај мене дома да си играме. Никој не отвори. Затоа заѕвонив на нивното ѕвонче. За некое време децата ми отворија со загрижени лица. За десет секунди веќе знаев што направиле моите злобни соседи. Набргу сите тројца бевме надвор. Застанавме зад една грмушка и гледавме…
– Три, два, еден, сега! – шепна борот и двете ластовички почнаа да летаат толку ниско над главите на Сара и Стефан, што за малку ќе ги допреа. Децата се исплашија и веднаш ги пуштија мачињата и избегаа дома викајќи: – Мамо! Маааамо!
По патот тие се сопнаа на едни камења и треснаа на земја.
– Уф, каква несреќа! – извика Стефан.

* * *

– Ајде! – рече Лина и сите излеговме од нашето скришно место. Кога Сара и Стефан нѐ видоа, се засрамија и погледот го наведнаа кон нивните патики.
– Вие нѐ потсетувате на ѕверот од приказната за „Убавицата и ѕверот!“ Во таа бајка ѕверот се променува и станува добар.
Во тој момент очите на Сара и Стефан се насолзија. Една минута беше тишина. Сите деца мислеа што да кажат. На крајот, ние им рековме на братот и сестрата: – Ако ѕверот може да се смени, можете и вие.
– Уххх! – се издишаа Сара и Стефан.
– Да, добро! – рекоа тие и си отидоа дома.

* * *

Иако Мици и Уно се плашеа од Сара и Стефан, тие секој ден им даваа вкусна храна. Сега мачињата им дозволуваат на братот и сестрата да ги галат.

Мелина Спасовска